Мета и ТикТок добија спор против ЕУ, регулаторите повторно ќе ги пресметуваат надоместоците
Законот за дигитални услуги им наметнува обврски на големите платформи да отстрануваат нелегална содржина. И покрај судската одлука, на компаниите нема да им бидат вратени веќе платените износи за 2023 година

Технолошките компании Мета и ТикТок добија правна битка против Европската комисија во врска со методот на пресметување на надоместокот што им е наметнат според Законот за дигитални услуги (DSA).
Според одлуката на Општиот суд на ЕУ во Луксембург, на регулаторите им беше даден рок од 12 месеци да развијат нова методологија, но на компаниите нема да им бидат вратени парите што веќе ги платиле за 2023 година, објавува CNBC.
Спорот беше предизвикан откако Мета и ТикТок мораа да платат надомест од 0,05 проценти од нивниот годишен глобален нето приход за да ги покријат трошоците на Европската комисија за надзор на спроведувањето на правилата за DSA.
Според нивните тврдења, методот на пресметка бил неправеден и довел до непропорционален товар врз поединечните компании.
Европската комисија соопшти дека судската одлука е од техничка природа и нема да влијае на обврската за исплата на надомест.
„Судот бара само формална корекција на постапката. Во следните 12 месеци ќе усвоиме нов делегиран акт и ќе донесеме нови одлуки“, изјави портпаролката на ЕК.
Претставниците на ТикТок ја поздравија одлуката и изјавија дека внимателно ќе ги следат следните чекори на регулаторот. „Мета“ исто така реагираше позитивно, со порака дека очекува постојните неправилности да бидат отстранети.
Законот за дигитални услуги, кој стапи на сила во ЕУ во ноември 2022 година, предвидува дека големите дигитални платформи мора активно да отстрануваат нелегална и штетна содржина, со ризик од казни до шест проценти од глобалните годишни приходи.
Покрај „Мета“ и ТикТок, обврска за плаќање на надоместокот за следење имаат и „Амазон“, „Епл“, „Букинг Гугл“, „Мајкрософт“, „Икс“ (порано „Твитер“), „Снепчет“ и „Пинтерест“.