Место трговски, Струмица гради мега парк


Денеска започна да се гради нов мега парк во населбата Карпош во Струмица на површина од близу 40.000 метри квадратни. Градоначалникот Костадин Костадинов со соработниците и советниците беа на увид на почетните градежни работи. Тој е горд на овој проект за кој рече дека претставува печат на неговите заложби за справување со загаденоста на амбиенталниот воздух и раззеленување наместо бетонизација на Струмица.

-Оваа површина првично беше предвидена за трговски центар, но одлучивме дека на Струмица и се доволни и згради и трговски центри, има други локации каде што компаниите можат да инвестираат и да градат, сметаме дека на цела Струмица, а особено на населбата Карпош како нов дел од градот Струмица и треба голем парк каде што родителите заедно со своите дечиња, пензионерите коишто живеат во овој дел од градот, децата од детската градинка „Виножито“ ќе имаат свое катче каде што ќе можат да си реализираат нивни едукативни програми, да се социјализираат и да поминуваат убаво време исполнето со здравје, среќа и секако мир насекаде.

Ова е првата фаза од големиот нов градски парк за којшто средства обезбедуваме преку ИПА-ИНТЕРРЕГ програмата на Европската унија за што од мое лично име и од име на општина Струмица и од граѓаните и граѓанките, сакам да се заблагодарам на ЕУ и европските даночни обврзници што веруваат во мојата и визијата на мојот тим и што инвестираат сериозни средства. Првата фаза е 350 илјади евра, грант којшто нема да имаат обврска идните генерации да го враќаат, ние не земаме кредити, напротив, благодарение на стручниот тим од Секторот за ЛЕР и  Одделението за меѓународна соработка и европски фондови, добивме грант од 350 илјади евра за ова ругло да го претвориме во зелена оаза со сите содржини коишто можат да ни дадат право ова место да го наречеме парк. Во првата фаза предвидени се пешачките патеки коишто ќе бидат изработени од високо квалитетен травертин за да можат граѓаните и да рекреираат и да пешачат, мал амфитеатар со мултифункционална намена за децата од градинката, но и за сите млади и повозрасни кои своето секојдневие сакаат да го поминуваат токму тука, за после да поминеме на втората фаза од големиот градски парк со добиени средства и копартнерски проект со УНДП. Станува збор за околу 15 милиони денари со кои ќе одиме не само на раззеленување, туку и кон дигитализација на самите паркови за што веќе разговараме со претставниците на УНДП и ќе имаме смарт клупи, ќе имаме осветлување на соларна енергија што значи нема да биде потрошувач на електрична енергија, ќе имаме и други содржини за дигитална едукација на најмалите и младите луѓе. Сметам дека народот тоа го заслужува, ние ветивме и еве денеска сме сведоци  на отпочнување на новиот мега парк во Струмица, наместо новиот трговски центар во Струмица, изјави градоначалникот Костадинов.

 

Тој најави и нови паркови површини, ветениот Боемски пар на постоечкиот пазар „Чешел“ којшто претставува дополнително раззеленување директно во центарот на урбана Струмица и кај сегашното на диво изградено долно Турско маало по завршувањето на Социјалната населба каде што се градат 118 куќи, ќе има ново раззеленување на површина од околу 30.000 метри квадратни со што се потврдува зелената трансформација на Струмица.