Место Арсовска, ЕУ ќе ни купи шест еколошки градски автобуси


Фото: Б. Грданоски

 

Шест нови еколошки автобуси за јавен превоз ќе добие Скопје во рамки на програмата „ЕУ за чист воздух“ финансирана од ЕУ, преку која 10 милиони евра ќе се слеат за подобрување на квалитетот во воздухот,  во период од 3 години (до 2026 година) под раководство на УНОПС.

Истата програма предвидува и Скопје да биде предмет на физибилити студија за натамошно проширување на системот за централно греење во главниот град

Програмата „ЕУ за чист воздух“ има за цел да придонесе за намалување на емисиите на загадувачи и честички во Битола, Куманово, Скопје и Тетово, со што ќе се подобри квалитетот на воздухот во Северна Македонија. 794.540 жители од четирите урбани центри директно ќе имаат придобивка од: а).подобрени системи за греење во 70 (седумдесет) јавни згради (површина од 200.000 м2); б). испорака и инсталирање на 3 (три) станици за следење на квалитетот на воздухот и в). засадени 6.000 садници дрвја, велат од таму.

„Само главниот град ќе добие 6 (шест) еколошки автобуси за јавен превоз и ќе биде предмет на физибилити студија за натамошно проширување на Системот за централно греење во Скопје. Програмата „ЕУ за чист воздух“ произлегува од Европскиот зелен договор и целта Европа да стане првиот климатски неутрален континент до 2050 година. Буџетот од 10 милиони евра ќе се спроведува во период од 3 години (до 2026 година) под раководство на УНОПС“, се додава во соопштението.

Инаку, утре, во Јуроп Хаус Битола, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската унија и Микела Телатин, директорка на канцеларијата на УНОПС за Северна Македонија ќе ја започнат програмата „ЕУ за чист воздух“ преку церемонија на потпишување. Потпишувањето ќе се случи во присуство на Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање и Тони Коњановски, градоначалник на Битола.