Месечната заштеда од есенската кошничка е од 690 до 1.360 денари, вели Дурмиши


Фото: Б. Грданоски

Министерството за економија и труд во изминатите 100 дена беше посветено на поддршката на бизнисите и домаќинствата, како и на заштитата на животниот стандард на граѓаните, порача денеска ресорниот министер Бесар Дурмиши и додаде дека од почетокот на неговиот мандат континуирано се носат одлуки за поддршка на бизнисот и на граѓаните.

– Посветено работевме овие 100 изминати дена во интерес на подобрувањето на деловната клима за компаниите и за намалувањето на трошоците за граѓаните. Во услови на зголемени цени на храната, за да им излеземе во пресрет на граѓаните ја започнавме акцијата „Помалку трошоци – повеќe за вас“. Прво, ги намаливме маржите на трговија на големо и трговија на мало на училишниот прибор, со што се намалија трошоците за домаќинствата, посебно за оние кои имаат ученици. Потоа со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните ја објавивме Есенската потрошувачка кошница и ги ограничивме маржите на 10 проценти и во трговијата на големо и во трговијата на мало на 73 основни прехранбени производи, рече Дурмиши на прес-конференција во Владата.

Оваа мерка, додаде, ќе продолжи и во наредниот период како божиќна кошница, рамазанска кошница, велигденска кошница.

– Првичните анализи од терен, кажуваат дека цените на производите од есенската кошничка се намалиле во просек од 5 до 10 проценти, при што кај некои производи намалувањето на цените е помало, или воопшто и го нема како кај лебот, маслото за јадење и млекото, додека кај други производи е значително поголемо како кај месото, зеленчукот, сирењето и кашкавалот. Се очекува намалувањето на цените да биде уште поголемо имајќи го во предвид и намалувањето на цените во трговијата на големо, кое допрва треба да се случи во наредните пратки, при достава на производите во маркетите, посочи Дурмиши.

Со тоа, како што кажа, едно четиричлено семејство, на месечно ниво би имало заштедата од 690 ден до 1.360 денари во зависност од начинот на исхрана, како и од изборот на маркети каде што се набавуваат производите.

Тој вели дека доколку не била донесена Есенската кошничка и акцијата „Помалку трошоци – повеќe за вас“ цените на храната дополнително ќе се зголемеле, а со тоа и инфлацијата.

„Овие одлуки ги донесовме за заштита на стандардот на граѓаните бидејќи во минатите месеци Државниот завод за статистика излегуваше со информации дека има раст на цените на основните прехранбени производи. Затоа направивме акциски план со кој ја донесовме есенска потрошувачка кошничка за да им излеземе во пресрет на граѓаните. Да не ги донесевме одлуките, цените на основните прехранбени производи ќе имаа уште поголем раст и инфлацијата ќе беше поголема од 2,6 отсто колку што е сега, рече Дурмиши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција по повод 100 дена Влада.

Потсети дека во сила e и Законот за нефер трговски практики и истакна дека производите ќе се продаваат по старите цени додека не се потрошат залихите во маркетите.

– Кога ќе се усогласат цените со добавувачите, ќе има и дополнително намалување на цените. Тоа ќе се случи на крајот на овој или на почетокот на идниот месец. Во овие три месеци тече преодниот рок за усогласување на цените во кои Комисијата за заштита на конкурентност ќе биде на терен и ќе ги опоменува тие што не го почитуваат Законот и ќе им дели совети да го почитуваат. Потоа кон крајот на годинава или на почетокот на идната ќе почне со казнување и ќе постапуваат според надлежностите кои ги имаат согласно Законот, прецизира Дурмиши.

Нагласи дека тече процедурата во Собранието за реорганизација на Комисијата за заштита на конкурентност со која, како што кажа, ќе се подобри нејзината функционалност.

– И да е во целосна функционалност Законот за нефер трговски практики не знаеме дали фирмите ќе го почитуваат. Затоа мора да се направи реорганизацијата на Комисијата за заштита на конкурентност која е во собраниска процедура. Сега Комисијата не е функционална и затоа треба да помине собраниската процедура, да им дадеме дополнителни ингеренции и да се реорганизира за да биде функционална, посочи Дурмиши.

Рече дека Министерството за економија и труд нема информации за изигрувањата што ги прават трговците во имплементацијата на Законот за нефер трговски практики.

– Кога ќе излезе на терен Комисијата за заштита на конкурентност, ако забележи дека има неправилности од компаниите, нормално е дека ќе се постапува според Законот и ќе пишува казни, истакна Дурмиши. 

Со Законот за нефер трговски практики се ограничуваат рабатот и дополнителните трошоци за над 2.500 прехранбени производи, од што се очекува дополнително намалување на цените на храната до крајот на овој месец.