Мерц: Германија не поминува низ привремен пад, туку е во длабока структурна криза

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека економските предизвици со кои се соочува земјата се многу посериозни отколку што претходно се проценуваше, нагласувајќи дека Германија повеќе не поминува низ привремен пад, туку е во длабока структурна криза.
„Го кажувам ова самокритично, оваа задача е поголема отколку што некој можеше да замисли пред една година“, рече Мерц во обраќањето пред членовите на неговата Христијанско-демократска унија (CDU) во Оснабрик, според „Блумберг“.
Мерц истакна дека голем дел од германската економија повеќе не е ценовно конкурентен, иако квалитетот останува висок.
Како пример, тој го наведе падот од 36 проценти на нето добивката на Фолксваген во вториот квартал, нагласувајќи дека тоа е само „една од многуте пораки“.
„Квалитетот останува добар, но основните услови за работење во Германија не се задоволителни во последните десет години“, рече германскиот канцелар, наведувајќи ги високите цени на енергијата и американските тарифи како клучни фактори што влијаат на падот на индустријата.
Официјалните податоци покажаа дека германската економија се намалила повеќе од претходно проценетото во вториот квартал, што предизвика сомнежи за способноста на земјата брзо да се опорави, според „Блумберг“.
Откако ја презеде функцијата претходно оваа година, Мерц вети сеопфатни реформи насочени кон намалување на бирократијата, модернизирање на инфраструктурата и зголемување на домашната побарувачка.
Неговата влада планира да инвестира стотици милијарди евра во патишта, мостови и војска за да ја зголеми продуктивноста, објави „Блумберг“, додавајќи дека Мерц, исто така, најави нови даночни олеснувања за инвестиции во економијата и го повтори своето противење на зголемувањето на даноците за средните претпријатија.
Коментирајќи ги трговските односи со Соединетите Американски Држави, Мец рече дека американските царини од 15 проценти за германскиот извоз ќе бидат дополнителен товар за економијата, но додаде дека трговската војна со Вашингтон ќе има многу потешки последици.