Мендух Тачи нема да гласа за предлозите на Села за министри
Пред утрешната седница на Собранието околу разрешувањето на двајцата министри на Алијансата за Албанците на површина излезе и старото ривалство меѓу Мендух Тачи и Зијадин Села.
Лидерот на ДПА, Тачи, вечерва за ТВ 21 изјави дека не само што нема да гласа „за пратениците на Села“ туку и нема да дојде на седницата на Собранието.
ДПА е дел од владејачката коалиција, но односите меѓу Тачи и Села се одамна нарушени кога Зијадин Села прво направи фракција за реформирање на ДПА, а потоа формира и нова партија – Алијанса за Албанците.
Владиниот предлог за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација Фатмир Меџити и Азир Алиу – кадри на Алијанса за Албанците – е прва точка на предложениот дневен ред за утрешната пленарна седница во парламентот.
Втора точка на предлог-дневниот ред на утрешната седница е владиниот предлог за именување на Илир Демири како министер за здравство и Наим Бајрами за министер за информатичко општество и администрација.