МЕМО: Постигнати значајни резултати во зајакнување на организираниот пазар на електрична енергија

Националниот оператор на пазарот на електрична енергија (МЕМО) информира дека во првата половина од годинава постигнати се значајни резултати во насока на зајакнување на организираниот пазар на електрична енергија и поддршка на енергетската транзиција.
– МЕМО е официјално назначен за Номиниран оператор на пазарот на електрична енергија (НЕМО) за наредните четири години – важен чекор за понатамошна интеграција на македонскиот со единствениот европаски пазар на електрична енергија. Успешно го реализиравме тргувањето во евра на македонската берза на електрична енергија. Го зголемивме обемот на тргување на пазарот ден-однапред за повеќе од 40 проценти во однос на првото полугодие на 2024 година. Успешно го воспоставивме Регистерот на гаранции на потекло и веќе издадовме 56.620 гаранции за потекло на електрична енергија од обновливи извори, информираат од МЕМО.
Како дел од постигнатите резултати ги посочуваат и активното учество при креирање на новиот Закон за енергетика и Нацрт-законот за обновливи извори на енергија, како и промовирањето на македонскиот пазар на електрична енергија на клучни меѓународни настани како што се 30. Атински форум за електрична енергија, ЕTCSEE 2025 во Австрија, Форумот за интеграција – EMIF 2025 во Европскиот парламент и Годишната конференција на европското здружение на берзи на електрична енергија EUROPEX.