Мексико иницираше програма за репатријација на централноамериканските мигранти


Мексиканската Влада започна со спроведување на програма за враќање на мигрантите од централноамериканските земји кои се наоѓаат на територијата на Мексико во нивните матични држави.

Мексиканскиот Национален институт за миграција (ИНМ) соопшти дека првата група мигранти опфатени со програмата за репатријација, со автобус тргнале од градот Хуарез во сојузната држава Чихуанга, што се наоѓа на границата со САД, кон јужно Мексико.

Групата се состои од 69 мигранти од кои 66 биле вратени од американска територија во Мексико, откако биле одбиени нивните барања за азил во САД. Групата ја сочинуваат 40 државјани на Хондурас, 22 на Гватемала и седум на Салвадор.

САД досега во Мексико вратија 16.714 мигранти од Централна Америка на кои им беа одбиени барањата за азил, од кои 7.706 моментно се наоѓаат во Хуарез.