Мекотели, Фројд, мошти – многу зборови, а малку одговори на Мицкоски на прашањата на Филипче

Премиерот го разбирал револтот на граѓаните поради куќниот притвор на Артан Груби, но тоа било одлука на судската власт и нема ништо ни со тоа ни со враќањето


Дуел во Собранието меѓу Венко Филипче и Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски и денеска од собраниската говорница ја раскажуваше лекцијата од биологија за мекотелите отфрлувајќи ги наводите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во прашањето поставено до него. На денешната седница за пратенички прашања тој одговараше малку во грч и напрегнато, што веројатно имаше удел и одлуката на обвинителството за Артан Грби, која ја стави власта во многу непријатна ситуација.

Филипче, кој прв постави прашања, го одбегна споменувањето на скандалот со одлуката за бегалецот Груби да добие куќен притвор, туку зборуваше за други теми што неговата партија ги нагласува во последниве недели. Филипче му постави директно прашање на премиерот Мицкоски да одговори кој е Душан Адамовиќ кој го постави за почесен конзул на Македонија во Србија.

„Кој е Душан Адамовиќ? Новоназначениот конзул на Македонија во Србија. Кои критериуми се исполнети согласно упатството за постапка за номинации и задачи на почесни конзули?“, праша Филипче.

Тој потсети на критериумите што треба да ги исполнува еден почесен конзул:

„Прво, треба да е докажан пријател или негува почит и симпатии кон Република Северна Македонија. На Твитер видовме дека човекот пишува дека ова е српска Македонија и дека е окупирана територија. Тоа ли е исполнет критериум“ рече Филипче.

Понатаму, додаде Филипче, треба да не е осудуван за кривични дела и да има професионални квалификации.

„Од медиумите гледаме дека тој е навивач, дека му бил дигнат автомобилот во воздух, дека му било пукано во нозе. Дали АНБ тоа го проверило? Треба да е афирмирана личност од областите на своето професионално делување. Освен што е високо позициониран член на вашата сестринска партија СНС, друго не сме виделе. Освен што се фали со свои контакти, врски и релации со Русија, ние друго не сме виделе.“ рече Филипче.

Претседателот на СДСМ ги наведе и јавните појавувања на Адамовиќ на настани на ВМРО-ДПМНЕ и го праша Мицкоски дали има лична релација со него:

„Тој човек го видовме на прославата после вашата победа на изборите 2024 тука, во Скопје, го видовме на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ. Моето прашање конкретно: Кој е Душан Адамовиќ, зошто е поставен за конзул и имате ли лична релација со него?“, рече Филипче.

Премиерот одговорот на овие прашања го насочи кон амбасадорот на Македонија во Белград, Никола Тупанчевски, кој беше министер за правда во една од претходните влади, а потоа испратен за шеф на мисијата во српскиот главен град.

Филипче рече дека со новиот закон за високо образование власта прави класичен упад во автономијата на универзитетите.

„Јас не можам да сфатам како туркате таков еден закон на сила кога гледате дека цела академска фела, цела академска заедница е против тие измени. Тој закон е противуставен. Не смее владата да прави таков упад во автономијата на универзитетот“, рече Филипче.

Премиерот во својот одговор беше категоричен дека владата нема да се откаже од законот, дека со него ќе се намали бројот на младите кои студираат во Словенија и други држави и дека конечно ќе се стави ред во високото образование. И дека професорите ќе мора да објавуваат трудови во престижни светски списанија, а не во некои од регионот.

Лидерот на СДСМ поставувајќи го прашањето рече дека му е жал за министерката за образование Весна Јаневска и дека новиот закон за високо образование го носи под притисок на премиерот:

„Не смеете да укинувате универзитети и програми по волја само на министерот и некој негов тим. Жал ми е што професорката не е тука, јас сум прилично сигурен дека таа ова не го прави на своја волја, туку трпи притисок од вас. Таа не е жена којашто е без искуство и би правела вакви измени соочена со сериозен отпор од сите факултети во државава и државни и приватни“, рече Филипче.

Филипче ги спомена и петте тони прошверцувана марихуана од Македонија во Србија. „Што да се праша за дрогата што помина преку граница? Нема одговор. Знам ќе кажете Струмица, ваму-таму. Пет тони дрога се препакувале, патувале низ истокот на земјата како јастуци, како и органи поминале граница. Не ги видела полиција, не ги видела царина. Таму ги примаат луѓе блиски до СНС, вашата сестринска партија“, рече Филипче.

Тој само делумна ја допре заглавената европска интеграција на Македонија, на што Мицкоски одговори со неговата сега актуелно „разглавање“ за мекотелите. „Нема да водиме мекотелна политика. Вие сте мекото ткиво и сè додека давате вакви изјави, ќе имаме политичари од Бугарија што ќе знаат дека има меко ткиво во македонскиот национален идентитет и ќе се обидуваат секогаш да играат на картата на помал отпор. Не можете ништо со тоа да постигнете. Ќе останете запаметен во историјата како човекот што бил мекото ткиво од партијата што била мекото ткиво на македонскиот национален идентитет. Не ви го советувам тоа. Знаете што значи да останете запаметен во историјата, од Охрид сте, знаете кој и како ги предавал моштите“, рече Мицкоски.

Но ако опозицијата не постави прашања за Артан Груби тука беше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, да ја поплни таа празнина. Тој рече дека ќе постави две за Груби (затоа што никој од опозицијата не се осмелил да го стори тоа), а едно за фабриките за канабис.

„Почитуван премиер, вие сте мета на обвинување од страна на СДС, дека имате договор со ДУИ, прво да се пушти Артан Груби да избега од Република Македонија. Дали имало договор Артан Груби да биде пуштен? Дали и како реагирате на обвинувањата со цел СДС дека сте се договориле да се врати? Значи прво да го пуштите, и потоа да се врати?“, праша Пренџов.

Мицкоски рече дека ја разбира вознемиреноста и револтот на јавноста, па дури и коментари од различни етнички заедници, затоа што на граѓаните им е уште свежо сеќавањето како во минатото власта се договарала со правосудството.

„Јас како човек бев најнапаѓаниот политичар од истото ова лице, Артан Груби. Се сеќавате колку пати во јавни изјави од страна на Артан Груби и сите тие кои во тоа време беа дел од Владата предводена од СДСМ, ме напаѓаа мене лично и со ниски страсти и со лаги и со клевети и ад хоминем. И сега по некоја чудна логика јас како претседател на Владата излегувам и се договорам со овие кои сакаат да го видат мојот политички, а дел од нив и човечки крај. Мислам дека тука нема никаква логика“, рече премиерот Мицкоски.

Тој потсети дека првичната теза на опозицијата беше дека имало договор и Груби бил пуштен, па откако беше уапсен ставот на опозицијата стана дека ДУИ го спасува Мицкоски, за да на крајот од денот кога се случи одлуката на обвинителството и судот кажат дека имало договор помеѓу Мицкоски и Груби.

„Само едно можам да заклучам – дека Фројд работи кај нив. Тоа што тие го мислат и тоа што тие го правеле, мислат дека сите ние го правиме. Мислат дека ако тие така фингирале процеси и рушеле влада на времето, преку т.н. обоена револуција, со лаги конструкции, клевети, со фингирани процеси во судството, дека и сега и ние така работиме. Не. Многу е едноставно, бегалецот е обезбеден од органите на редот. Сè понатаму е одлука на друга власт, тоа е судската власт и нема никаква врска со Владата. Но, потсвеста е чудна и сега секој од нив се преиспитува што знае ова лице“, истакна Мицкоски и дополни дека стравот на опозицијата е да не се прошири делото од „Лотарија“ на здравството или на производството на канабис.

„Фактот е дека лицето е обезбедено и допрва почнува агонијата за поединци. Тоа треба сите да го знаат. Апсолутно ги разбирам граѓаните кои што се револтирани, апсолутно го поддржувам нивниот револт и емоција, но процесот сам по себе ќе даде одговор. Времето работи на нивна штета. Има една грчка изрека, ‘големите работи се случуваат во тишина’ и тоа ги мачи“, рече Мицкоски. (Н.В.)