Меѓународниот семинар за македонски јазик во Охрид од 4 до 24 август


Фото: Б. Грданоски

Во организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од 4 до 24 август ќе се одржат 52. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и 46. Меѓународна научна конференција. Официјалното отворање ќе биде на 5 август напладне во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид.

УКИМ нагласува дека тоа се две важни меѓународни манифестации кои имале голема улога во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура низ целиот свет. Меѓународниот семинар досега имал повеќе од 4.300 учесници од над 60 земји, меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, научни работници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик низ лекторатите во светот.

– Семинарот својата стручно-научна дејност на подрачјето на македонистиката ја започнал скромно, а до денес непрекинато се развива и израсна во афирмирана наставна, научна и културна институција единствена од ваков  вид во Македонија и стана ценет славистички центар, соопшти Скопскиот универзитет.