Меѓународна конференција за управување со отпад во Охрид и Струга
Охрид и Струга се домаќини на 4-тата Меѓународна конференција за управување со отпад со работен наслов „Комуницираме за управување со отпад“, организирана од „Македонската асоцијација за управување со цврст отпад“ (MaSWA).
На свеченото отворање на собирот одржано синоќа во Охрид свои обраќања имаа министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, евроамбасадорот Самуел Жбогар, претседателот на Меѓународната асоцијација за управување со цврст отпад Антонис Мавропулос, како и претседателот на MaSWA Даниела Нелепа.
Научниот собир што продолжува со работа во Струга има за цел покаже дека бизнис заедницата и државните органи, вклучувајки ги секако тука и невладиниот сектор и медиумите, се подготвени да комуницираат и соработуваат со една заедничка цел – заштита на животната средина.
На собирот е најавено учество на педесеттина експерти од десеттина држави од регионот и пошироко.
Претседателот на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад Даниела Нелепа која учествуваше во акцијата за чистење на брегот на Охридското Езеро, посочи дека Македонија на годишно ниво продуцира околу 700 илјади тони отпад, со потреба од соодветен негов третман и депонирање.
– Станува збор за мошне обемна проблематика, а ние како држава сме на самиот почеток кога се работи за современ начин на собирање и третирање на отапдот. Во земјава има добра легислатива и добри закони, но имплементацијата на терен уште е на ниско ниво, рече таа.
Нелепа смета дека е недозволиво во една држава на секој чекор да никнуваат диви депонии. Решение за проблемот се современи капацитети за примарна селекција и третман на отпадот, преку изградба на регионални депонии, по една се секој од осумте региони, но засега тие се се уште во фаза на планирање. Најблиску до своја современа депонија е североисточниит плански регион.