Меѓународен суд на правда: Државите што ги кршат климатските обврски се правно одговорни

Земјите што ги прекршуваат обврските за заштита на климата според меѓународните договори би можеле, под одредени околности, да бидат правно одговорни, според денешната пресуда на највисокиот суд на ОН.
Земјите што не преземаат или преземаат недоволни мерки за заштита на планетата од климатските промени го кршат меѓународното право, соопшти Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг во официјално правно мислење.
Објаснувајќи го своето образложение за случајот, судот во соопштение за печат наведе дека „добро воспоставеното правило на меѓународното право дека однесувањето на кој било државен орган мора да се смета за чин на таа држава е применливо во контекст на климатските промени“.
Понатаму се додава: „Неуспехот на една држава да преземе соодветни мерки за заштита на климатскиот систем од емисиите на стакленички гасови – вклучително преку производство на фосилни горива, потрошувачка на фосилни горива, доделување дозволи за истражување на фосилни горива или обезбедување субвенции за фосилни горива – може да претставува меѓународно противправно дело што може да ѝ се припише на таа држава.“
Кршењето на климатските обврски може да „предизвика цела низа правни последици“, соопшти судот.
„Судот смета дека чистата, здрава и одржлива животна средина е предуслов за уживање на многу човекови права“, се вели во резимето на мислењето.
Правното мислење не е обврзувачко, но според експертите, може да влијае на климатските процеси ширум светот.
За време на постапката, претставници од 98 држави и 12 организации ги претставија своите аргументи пред 15-те судии во судот во Хаг.
Иницијативата за случајот пред МСП ја презеде Вануату, островска држава во Јужниот Пацифик која се соочува со егзистенцијални закани од покачувањето на нивото на морето предизвикано од глобалното затоплување.
За островските држави, тоа е прашање на опстанок, тврдеа претставниците на Организацијата на африкански, карипски и пацифички држави (OACPS) пред МСП.
Во 2023 година, Генералното собрание на ОН му наложи на судот да подготви мислење за потенцијалните правни последици за државите „кои со нивните дејствија и пропусти, предизвикале значителна штета на климатскиот систем и други делови од животната средина.“
Ова треба да се разјасни особено во однос на малите островски држави во развој „кои поради нивните географски околности и нивото на развој, се погодени или се особено ранливи на негативните ефекти од климатските промени.“
Големите економии како Кина и САД, кои се одговорни за мнозинството емисии на јаглерод диоксид (CO2), ги отфрлаат правните обврски надвор од постоечките договори и се повикуваат на одредбите од климатските конвенции на ОН и Парискиот климатски договор.
Правните претставници на земјите во развој тврдат дека државите не ги исполнуваат своите обврски и укажуваат на разочарувачките исходи од климатските самити, вклучително и оној одржан во ноември 2024 година во Баку. Тие се стремат да обезбедат најголемите загадувачи во светот да бидат обврзани да ги намалат емисиите на CO2 и да обезбедат репарации.