Меџити: Рамковниот е договор за функционирање на државата, а не за ДУИ вечно да остане на власт


Со панел дискусија за децентрализацијата денес започна одбележувањето на 23 годишнината од Рамковниот договор во кое за првпат учествува и ВМРО-ДПМНЕ како партија и кој се слави на официјална и на приватна „журка“ во режија на Демократската партија за интеграција. За разлика од лани, парите што ќе бидат потрошени за прославата  се неспоредливо помалку од тие потрошени во грандоманските прослави што ги плаќаше Артан Груби од буџетот на Македонија, што ги одврати и коалиционите партнери да учествуваат.

Со оценката дека духот на Охридскиот договор нуди подобро утре за Македонија во која ќе има владеење на правото и законот ќе важи за сите, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити го отвори панелот на кој се анализираа резултатите од имплементацијата на овој системски договор и што преостранува. 

Министерот за  локална самоуправа Златко Перински рече дека со Рамковниот договор е потврден унитарниот карактер на државата во која има функционална локална самоуправа  која ги остварува своите функции, некаде  поуспешно, а некаде понеуспешно. Според него трансферот на нови надлежности на општините се смета за затворена тема и сега акцентот е ставен на финансиската одржливост, бидејќи на општините им требаат пари за поголеми проекти за да бидат задоволни граѓаните. Многу нивни основни потреби, според Перински, не се решени, а излезот го виде во  два правци – давањето поголеми финасиски сретства од страна на Владата на локалните самоуправи и подобро генерирање на сопствени приходи.Според него, сега 5,6 отсто од БДП оди во општините, додека во Хрватска тој процент е 7,4 отсто, а во ЕУ – 10 отсто.Тој притоа најави дека со ребалансот општините ќе добијат дополнителни 100 милиони евра  за капитални проекти  за кои ќе можат да аплицираат сите , а идната година уште 250 милиони, при што приоритет ќе биде ставен на развојот, на дигитализацијата и, зошто не, како што рече, на создавање паметни градови. 

Ризван Сулејмани, како поранешен министер за локална самоуправа, зборуваше повеќе за политичкиот аспект на децентрализацијата, правејќи споредба на Охридскиот договор со договорите од Дејтон и од Рамбује, за Бих и за Косово. Според него, сите договори биле продукт и резултат на исчезнување на поранешна Југославија, а заедничко за нив е што во сите три вклучуваат високо ниво на децентрализација . Во БИХ има повеќе нивоа на децентрализација, во Косово има асиметрична децентрализација со која српските општини имаат повеќе надлежности од другите во Косово, додека Македонија, рече тој, има најавтентичен модел кој не ги следи стриктно етничките линии, па забележа дека ниту Охрид, ниту Струга, ниту Тетово не се етнички чисти средини туку мешани. Како резултат на овие модели, рече Сулејмани, БиХ е независна но се уште не е целосно суверена држава, Косово исто така, а Македонија не само што е независна и суверена, туку е и членка на НАТО и за разлика од двете држави во кои доминираат силите што се залагаат за поделба, кај нас нема такви тенденции или партии. 

„Многумина во тоа време мислеа дека децентрализацијата е краткиот пат за дезинтеграција, а јас мислев дека таа е решение за нас, а не проблем, бидејќи е единствениот механизам што сплотува во вакви ситуации“, рече Сулејмани. 

И тој сметаше дека сега клучни се парите за општините, нагласувајќи дека следна фаза по  децентрализацијата и интеграцијата треба да биде „еквализацијата“, односно да се обезбедат услови сите општини да можат да одговорат еднакво на потребите на граѓаните. Сега, според него, има општини со 3.000 жители и општини со 100.000 жители, како и општини во кои има 8 жители на метар квадратен и  општини со 17.000 жители на метар квадратен. Овој диспаритет во големина, густина и во ниво на развој  треба да даде исти услуги на граѓаните, а тоа не е можно, смета тој, нагласувајќи дека ни добивањето директна помош од централната власт не е решение бидејќи така стануваат зависни од неа и ја губат автономијата. Децентрализацијата, рече тој, има почеток но не и крај и таа е процес, а ние сме сега во фаза на фискална децентрализација, посочувајќи дека само Скопје генерира над 30 отсто од приходите, додека другите во просек генерираат до 14 отсто. Ние, заклучи тој, сме пред голем предизвик ако сакаме општините да нудат добри услуги на граѓаните. Тие треба да станат  генератор на сретства и финасиите да се движат од долу, нагоре, а не како сега – обратно, но тоа ќе биде тешко, рече тој,  без да се утврди цената на услугите на владата и без да се направи пресметка колкав приход можат да генерираат самите.

Нано Ружин , пак, зборуваше за политичките аспекти во државата, оценувајќи дека во 1991 година, кога се прогласи за плуралистичка демократија, Македонија немала ни капацитет ни визија навистина да стане тоа. Оценувајќи дека плурализмот е процес а не производ, тој посочи на неколку негови принципи: Прво, дека плурализмот претставува компромис постигнат со посредство на институциите, второ – дека ниту едно општество не е имуно од конфликти, како што се гледа деновиве во Обединетото Кралство, и третто- дека плурализмот не настојува да ги спречи разликите туку да превенира насилства и конфликти. За колку широк поим станува збор тој илустрираше со фактот дека, според него, ни Македонците ни Албанците не се хомогени групи бидејќи има и други аспекти кои ги разликуваат нив самите (меѓудругото и припадноста на различки сексуални ориентации).

По панелот Меџити оцени дека одвоеното прославување на Рамковниот договор од страна на ДУИ е партиско, нагласувајќи дека Рамковниот бил  договор како ќе функционира државата, а не договор како ќе опстои постојано на власт една политичка партија. Според него,  за ДУИ било карактеристично кога биле на власт „да го девалвираат Рамковниот договор со концерти и организирање надвор од институциите“. 

„ И овојпат кога институционално се прославува годишнината на Рамковниот договор, тие повторно го прават истото, значи прават партиска прослава. Ништо различно, како и секогаш ДУИ е надвор од нормалните текови, од институционалните текови“, додаде Меџити.

На прашање во врска со најави за можна дестабилизација од страна на партијата на Али Ахмети, Меџити одговори дека тие немаат „кауза за демонстрации и протести“ и оти не можат да се навикнат да бидат опозиција по 20 години на власт. 

„Точно е дека има муабети и кога седнуваат сакаат да рушат, потребна им е магла оти после 20 години се опозиција и не можат да се соочат со реалноста. Но, тоа не значи дека имаат кауза за демонстрации и протести бидејќи не може да биде кауза на Албанците „Соравија“ и такви коруптивни зделки“, рече Меџити.

Освен панел дискусијата денес во рамките на одбележувањето на 23 годишнината на Охридскиот рамковен договор ќе се одржи и свечена седница на владата  на која ќе зборува премиерот Христијан Мицкоски, а вечерта ќе има и свечен прием. Изборот на  Меџити како главен организатор на одбележувањето на годишнината веројатно не е случаен бидејќи и тој, како поранешен член на ДУИ, го дели политичкото наследство на партијата која го присвојува како своја заслуга. 

Охридскиот договор, со кој запре седуммесечниот конфликт во 2001 година, надживеа тројца од неговите домашни потписници – претседателот Борис Трајковски, лидерите на ДПА и ПДП, Арбен Џафери и Имер Имери. Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски не последните прослави.