Меџити не кажува дали уставните измени се услов за влегување во коалициона влада


Изет Меџити, Африм Гаши и Билал Касами

Претседателот на Демократското Движење и носител на листата на коалицијата Вреди во првата изборна единица, Изет Меџити не даде конкретен датум кога според него би се отворил Уставот за внесување на Бугарите во него, ниту дали тоа ќе остане нивниот услов за влегување во новата влада.

„Ние сме фокусирани на промовирање на нашата програма, убедени сме дека ние ќе го имаме легитимитетот на Албанците. Бадентерот ќе го имаме ние, тоа е нашиот фокус до 8 мај, а потоа ќе ги договараме точките за преговарање. Не сакаме да бидеме по секоја цена дел од некоја влада која нема да биде европски настроена. Сега сме фокусирани на победата, на контакти со граѓаните, да завршиме со тоа, после ќе седнеме на маса и ќе разговараме и преговараме. Ние сме стожер на меѓународната заедница и граѓаните, дека Македонија ќе се движи во вистинска насока, тоа е евроинтеграцијата“, кажа Меџити.

Единствената партија која според него е антиевропски настроена е Левица и со нив не сака да влезе во коалиција. За останатите партии тој остава отворена врата, со став дека кој помалку, кој повеќе, сите се проевропски настроени.
 
За принципот победник со победник од 2008 година, или таканаречениот „мајски договор“, вели дека ДУИ веќе го прекршила.

 

„Од оваа гледна точка сметам дека добро направи ДУИ  што го прекрши, зошто беше добро за државата. Ако ти го прекршиш договорот, не можеш да бараш од друг да го почитува. Ахмети побара помош од другите заедници и тоа не е чисто албанска опција. Чисто албанска опција е само „Вреди“. Ништо не оди во прилог на ДУИ, ние сме единствена албанска опција и ние ќе бидеме легитимни претставници на Албанците“, рече Меџити.

И лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, како  дел од коалицијата „Вреди“,  ја потврди најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ќе бидат дел од новоформираната влада по изборите на 8 мај, иако изборите не се одржани и резултатите од првиот круг за избор на претседател не мора да се пресликаат на парламентарните. Практично ДУИ и „Вреди“ почнаа битка на докажување кој е легитимен преставник на Албанците а кој не, бидејќи бројките не одат во прилог на аслбанската опозиција.

„Како единствени натпреварувачи во албанскиот политички кампус и, се разбира, победници на овој блок, ние сме и единствени  легитимни претставници на Албанците на овие избори. Следствено, ова нè обврзува да ги претставуваме Албанците и во идната влада, каде што, меѓу другото, ќе раководиме со важни институции од секторот за внатрешни работи, кои се одговорни за санкционирање на криминалот и корупцијата, за да се бориме силно и директно против повеќеслојниот и долгогодишниот криминал и корупција“, изјави Гаши на денешната прес-конференција.

 Гаши додаде дека коалицијата „Вреди“ е доследна на ставот за усвојување на уставните измени и тоа во конкретен рок, како и дека претседателот на државата треба да се избира во Собранието. Коалицијата „Вреди“, како што оцени Гаши, е гаранција дека уставните измени ќе бидат усвоени во идната влада.

„Бидете спокојни, само пропаганда е тоа дека некој ќе ги блокира уставните измени и евроинтеграцискиот пат. Албанската коалиција ‘Вреди’ е гаранција дека уставните измени ќе се усвојат во идната влада и за ова ќе имаме посебна рамка за мерките и роковите за спроведување на оваа обврска. Секако, нашето инсистирање е тие да се усвојат што е можно побрзо и преговорите за пристапување во ЕУ да започнат што поскоро“, додаде Гаши.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека идната владина коалиција ќе ја предводи неговата партија, а во неа ќе биде и коалицијата „Вреди“.

„Ахмети ми праќа емисари и сака да влезе во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но во неа ќе биде „Влен“, вели Мицкоски.

По изјавата на Мицкоски, реагираа од Алијанса за Албанците која е дел од „Европскиот фронт“ на ДУИ. Оттаму кажаа оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го открил предавството на албанската опозиција која, како што оценија, е подготвена да направи каков било компромис, дури и да се откаже од условувањето за усвојување на уставните измени, само за да му се допадне на Христијан Мицкоски. Пресот на Бујар Османи пак сугерираше дека и ДУИ се подготвени да му заборават се на Мицкоски за да влезат во идниот кабинет, уште повеќе што реално неговите напади му помогнаа да освои повеќе гласови од опозициските албански партии, а не да биде поразен.