„Među zvijezdama“ на CODE 369 претставен во Скопје со мини-концерт
Во интимната атмосфера на AudioKultura во Скопје, последниот ден од октомври, битолскиот состав CODE 369 и ја претстави на публиката својата најнова дискографска работа – албумот „Među zvijezdama“ („Меѓу ѕвездите“), издаден под закрилата на Croatia Records, најголемата дискографска куќа во регионот.
Воведното обраќање пред мини-концертот го имаше нивниот менаџер Владимир Мандичевски – Манде, најавувајќи ја оваа промоција како втора по ред, по онаа во Битола. Вокалната солистка на бендот, Ирена Димовска, пред секоја песна накратко раскажуваше за што станува збор во неа.
Концептот на претставувањето на албумот „Među zvijezdama“ беше замислен како мал концерт, на кој CODE 369 изведоа 12 песни – половината од актуелниот албум, а остатокот од нивниот деби-албум „Stages of Love“, објавен во 2022 година, исто така под етикетата на Croatia Records.
Албумот „Među zvijezdama“ донесува звук кој балансира меѓу алтернативниот израз и комерцијалната прифатливост, задржувајќи ја препознатливата слобода, енергија и длабочина што фановите на бендот одамна ја препознаваат и ја ценат.
Концертната промоција започна со песната „For the Good Times“ од нивниот деби-албум, по што следеа хитовите „Butterflies“, „Ignorance“, „Revolution“…, со забелешка на Ирена дека: „Ако молкот е злато, тогаш незнаењето сигурно не е благослов.“
Финалето на концертот им припадна на новите песни од „Меѓу ѕвездите“ – „Among Stars“, „Running Wind“ и големиот хит „Кад сам се заљубила“.
Македонскиот бенд CODE 369 од Битола е познат по својот силен музички идентитет кој спојува фанк, џез, рок и поп. По успешниот деби-албум „Stages of Love“, новиот албум „Меѓу ѕвездите“ го потврдува нивниот статус како еден од најсвежите алтернативни рок-состави во регионот.
Автор на музиката на сите песни е Даниел Митревски, кој потпишува и како продуцент на албумот, додека текстовите ги напиша Ирена Димовска, освен песната „Kонкретно“, чиј текст е дело на Мила Влаисављевиќ. Албумот е снимен во студиото Atelier, а мастерингот го изработил Славко Ристески во Pro Sound Studio. Визуелниот идентитет на албумот го креирала Лана Ловриќ, чието ликовно решение ја следи атмосферата и пораката на албумот – патување низ емоциите и соништата.
На промоцијата во AudioKultura беше организирана и мини-изложба на омоти од групата, која функционира веќе две децении, а во минатото настапувала под името Pampers.
Покрај вокалистката Ирена Димовска и гитаристот Даниел Митревски, дел од составот се и Гоце Јованоски (бас) и Иле Лулевски (бубњеви). (И.Б.)
Фото: Маја Беќковиќ