Медитерански циклон ни носи многу дожд и локално невреме


Фото: Б. Грданоски

Почнувајќи од денес (понеделник 21 април) па речиси до крајот на оваа недела под влијание на циклонска активност над Медитеранот, во Македонија ќе има честа појава на повремени врнежи од дожд, и истите на повеќе места ќе бидат поројни, проследени со грмежи и со засилен ветер во зоната на нестабилност.

Локално aтмосферските процеси ќе бидат во форма на невреме, односно поинтензивни и проследени со обилен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и со услови за појава на град.

И во Скопскиот регион следува многу променливо време со повремени врнежи од дожд, кои во делови од котлината ќе бидат поројни и проследени со грмежи и со засилен ветер. И во делови од Скопската котлина е можна појава на невреме.

Температурите  и поркај ова остануваат без некоја поголема промена во однос на оние кои ги имаме сега, што значи продолжува топлото време, а барем отсега гледано, позначителен пад на температурите ќе имаме за време на следниот викенд.