„Медена земја“ се прикажува во 24 градови низ Македонија


Кинодиструбуцијата на документарецот „Медена земја“ (Honeyland) низ Македонија продолжува со нови датуми и градови. Проекциите од минатата недела беа распродадени, а поради големиот интерес беа додадени нови датуми и градови во листата за диструбуција.
Филмот, кој е годинешен македонски кандидат за „Оскар“ и е во трка за најдобар документарец на „Европските филмски награди“, се прикажува во 24 градови во државава. На листата, покрај Скопје, се: Кратово, Штип, Крива Паланка, Струга, Куманово, Битола, Охрид, Свети Николе, Делчево, Тетово, Гостивар, Кичево, Македонски Брод, Македонска Каменица, Неготино, Богданци, Прилеп, Кочани, Крушево, Радовиш, Гевгелија, Валандово и Виница.
Утре во 20 часот ќе се емитува во НУ Центар за култура во Битола. Проекција, истиот и наредниот ден, ќе има и во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид (20 ч.), како и во Домот на култура „Никола Јонков Вапцаров“, Делчево (19 ч.). Во Домот на културата „Крсте Мисирков“ во Свети Николе ќе игра на 4 и 6 октомври со почеток во 19.30 часот.
На 12 октомври филмот ќе биде дел од програмата на Меѓународниот филмски фестивал – „ОДА“ во Тетово (Дом на културата, 20 часот). Наредниот ден (13 октомври) во 20 ч. ќе биде прикажан во Домот на култура „АСНОМ“ во Гостивар. Следуваат четири проекции во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Кичево (на 13, 14, 15 и 18 октомври, во 19.45 часот). На 16 октомври е закажана проекција во Македонски Брод , во Домот на културата (18 ч.). На 17 октомври, со почеток во 20 часот, ќе се прикажува во: Домот на културата во Македонска Каменица, Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино и Домот на култура „Бранд Петрушев“ во Богданци.
Прилепчани ќе имаат можност да го погледнат докуменатрецот на четири проекции закажани од 17 до 20 октомври во Центарот за култура „Марко Цепенков“, сите со почеток во 20 часот. Од 18 до 20 октомври, ќе има три емитувања во Центарот на култра „Бели Мугри“ во Кочани (20 ч.).
На 18 октомври ќе игра во Домот на култура „Наум Наумовски Борче“ во Крушево (18 часот) и во Центарот за култура „Ацо Караманов“ во Радовиш (20 ч.).
Следуваат проекциите во Гевгелија на 24 октомври (20 ч.) во Домот на култура „Македонија“, на 25 октомври (20 ч.) во Домот на култура „Тошо Арсов“ во Виница и на 26 октомври (20 ч.) во Домот на култура „25 Мај“ во Валандово.
Во меѓувреме „Медена земја“ го продолжува својот успешен пат на светските фестивали. Минататиот викенд беше прогласен за најдобар документарец на 25. Интернационален филмски фестивал во Атина, а ја доби и наградата „Силвер Нанук“ (Silver Nanook) за оригинален уметнички израз на „Флахертиана“ (Festival Flahertiana) во Русија.
Во моментов авторите се во САД, каде што ја продолжуваат промотивната кампања на филмот во трката за „Оскар“.