„Медена земја“ награден за најдобар филм во Тел Авив
Македонскиот документарен филм „Медена земја“ во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска ја освои главната награда на меѓународниот филмски фестивал „Докавив“ во Тел Авив, Израел.
„Жирито едногласно одлучи да ја додели главната награда на филм кој прикажува заедница која живее на маргините на општеството. Благодарение на неверојатната наративност и кинематографија, филмот оди многу подалеку од социјален документ и станува фасцинантен портрет на една извонредна жена. Жирито беше поттикнато од интимната медитација за кршливоста на човековото постоење во неговата длабока поврзаност со природата“, стои во образложението на жирито.
Филмот „Медена земја“ на почетоков на годинава својата светска премиера ја имаше на американскиот филмски фестивал „Санденс“ каде што триумфираше во конкуренцијата за документарци од целиот свет.
Таму ја доби големата награда на жирито, Гран-при за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).
Првпат во историјата на оваа реномирана манифестација еден проект беше награден со три признанија.
Филмот имаше прикажувања и на Интернационалниот филмски фестивал во Хонгконг, потоа во престижниот Музеј на модерна уметност (MoMA) во Њујорк. Подоцна ја имаше својата официјална европска премиера на филмскиот фестивал „Визионс ду реел“ во Нион, Швајцарија.
Со четири награди се закитија и на филмски фестивал во Полска.
„Медена земја“ го отвори и годинешното издание на фестивалот „Магнифисент 7“ во Белград, а потоа гостуваше во Лондон, во рамките на „Рамки на репрезентација“ во Институтот за современи уметности на Велика Британија.
Потоа прикажувања следуваа и во Барселона, Шпанија.
„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начини на искористување на земјините ресурси.
Продуцент и монтажер на филмот е Атанас Георгиев, музиката ја направија членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ студиос“ (DB Studios) од Бејрут.
Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медија“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.
„Медена земја“ ќе ја има македонската премиера во август за време на фестивалот за документарни филмови „Македокс“. (И.Н.)