„Медена земја“ и „Петрунија“ во трка за наградата „Лукс“ во Карлови Вари
– Во селекцијата од десет филмови на оваа програма што ја прави Европскиот парламент, Северна Македонија е единствена земја селектирана со не еден, туку два филма. Нашата кинематографија веќе ги освои најзначајните филмски фестивали во Кан, Берлин, Санденс, Лос Анџелес и несопирливо продолжува понатаму, соопшти Агенцијата за филм која го поддржа снимањето на двата филма.
Десетте селектирани филмови за наградата „Лукс“ Европскиот парламент ги објави вчера, а ги соопштија Хелга Трупел, потпретседател на Комитетот за култура и образование на ЕП, Мартина Длабајова, потпретседател на Комитетот за буџетска контрола и Дорис Пак, координатор на наградата „Лукс“.
Како што појасни Агенцијата за филм, за потесниот избор на десетте филма дебатирале 21 европски филмски професионалец, кои во финалната селекција вклучиле четири филма на жени режисери, два документарни филма и значајно присуство на мали земји како Северна Македонија, од која учесници се дури два филма. Половина од селектираните филмови се европски копродукции.
Според пропозициите, од десетте филмови три ќе бидат избрани како конкуренти за наградата „Лукс“ и таа ќе биде врачена на 27 ноември во Стразбур.
Премиерата на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ беше во февруари во официјалната програма на Филмскиот фестивал во Берлин, а „Медена земја“ премиерно беше прикажан во јануари на фестивалот „Санденс“ каде што освои неколку награди.