Mасовна хајка против уредникот на „Инфомакс“, Александар Митовски. ЗНМ ја осуди

Откако денеска на социјалните мрежи беше пуштена снимка од улица на која се гледа како уредникот на Инфомакс“ излегува од еден објект, а од него потоа и поранешниот премиер Зоран Заев, почна вистинска хајка против него со големи дискредитирања и закани. На снимката пишува дека е направена овие денови, а самиот Митовски во објавата на Фејсбук вели дека тоа било во „Лето господово 23/24“, сугерирајќи дека тоа е намерно измонтирано за да се поткопа неговата работа како новинар.
Нападите на Митовски се поврзани со фактот дека „Инфомакс“ е остар критичар на власта, особено околу трагедијата во Кочани, барајќи одговори од оние што сега владеаат и на државно и на локално ниво, посебно апострофирајќи ја полицијата. Хајката на социјалните мрежи го инкриминира Митовски дека, наводно, соработува со поранешниот премиер и лидер на СДСМ.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска остро реагираше на „координираната онлајн кампања на вознемирување и дискредитација насочена кон уредникот на ‘Инфомакс’, Александар Митовски“.
Во соопштението на ЗНМ се вели:
„Видео материјалот е злоупотребен со јасна намера да се креираат негативни наративи кон Митовски, кои потоа се шират преку провокатори, но и анонимни ботови, што резултира со масовна онлајн хајка, говор на омраза и повици за насилство.
ЗНМ потсетува дека секој медиумски работник има право слободно да се движи и комуницира со различни извори и личности, без страв од јавна дискредитација или притисок.
Предупредуваме дека ваквите организирани напади можат да имаат сериозни последици врз слободата на изразување и безбедноста на медиумските работници и истите можат да придонесат кон авто цензура.
Потсетуваме дека говорот на омраза и повиците за насилство на социјалните мрежи претставуваат кривично дело, за кое одговорност носат и оние што го поттикнуваат и оние што го извршуваат.
Ги повикуваме сите јавни личности, политички субјекти и корисници на социјалните мрежи на свесност и одговорност во јавниот говор, особено кога се работи за лица активни во медиумската сфера“.
Митовски се најде на удар на провладините поддржувачи и објавите од лажните профили затоа што поставува директни и прилично непријатни прашања за улогата на властите и нивната одговорност во трагедијата во Кочани. Митовски тие прашања им ги поставуваше на прес-конференции на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.