Машински инженери и техничари од „Фероинвест“ ја монтираат опремата за ХЕ „Накра“ во Грузија
Тим од инженери и техничари од „Фероинвест“ работи на инсталирање на третата хидроелектрана во Грузија. На подготвен терен ги пречекаа турбинските куќишта кои од „Брако“ беа испорачани на почетокот на месец ноември. Веднаш по ова возило, испорачани се уште 3 возила со дополнителна електромашинска опрема. Во моментов, стручниот тим од „Фероинвест“ работи на монтажа на опремата во првата фаза.
По завршување на првата фаза, следува секундарно бетонирање на турбинските куќишта и сушење на бетонот во период од 14 дена. Во тој период, во Грузија ќе пристигнат уште два камиони со генератори со што почнува втората фаза од монтажата на опремата.
За монтажа на опремата во втората фаза, на терен во Грузија ќе пристигне друг тим од електро инженери и техничар кои паралелно ќе работат на монтажата на електро-опремата (среднонапонски ќелии, нисконапонски ормари, трансформатори, каблирање), а првата екипа ќе продолжи со останатата машинска опрема (работно коло, инјектори, млазници, хидраулични цилиндри, хидраулични агрегати).

Во последната трета фаза од монтажата на опремата во Грузија ќе пристигне тим од секторот за управување и СКАДА со што започнува тестирањето на опремата, конфигурирање на СКАДА системот, тестирање на генераторски лежишта и на крај 24 часовен тест по што се смета дека хидроелектраната е пуштена во работа.
Групацијата Брако – Фероинвест произведе опрема за две други хидроелектрани во Грузија ХЕ „Ипари“ и ХЕ „Келра“ кои веќе две години успешно произведуваат електрична енергија.
Од компанијата претходно соопштија дека со Договорот за проектот кој што е финансиран од Европската банка за обнова и развој „Фероинвест“ беше задолжен за проектирање, изработка, транспорт, монтажа, тестирање и пуштање во работа на електро-машинска опрема за три хидроелектрани (ХЕ Ипари, ХЕ Келра и ХЕ Накра) во Грузија. Вкупната инсталирана моќност на трите хидроелектрани е 20 MW (мегавати).

Досега, испорачана е опремата за ХЕ Ипари и ХЕ Келра и тие проекти се пуштени во работа и успешно функционираат веќе две години.

„Досега нашата компанија Фероинвест има испорачано повеќе од 40 проекти за хидроелектрани. Конкретно за овој проект, во Грузија, бевме во конкуренција со многу други западноевропски испорачатели на опрема. Но, инвеститорот успеа да го препознае нашиот квалитет кој што морам да кажам дека е подобар и на повисоко ниво од квалитетот на многу други западноевропски испорачатели на опрема. И исто така го препозна нашето залагање да успее тој проект односно роковите на испорака на опремата и финансиските услови за исполнување на проектот. Во Фероинвест се вработени повеќе од 150 инжeнери кои го гарантираат тој квалитет со нивната посветеност и тоа беше препознаено од овој инвеститор во Грузија. Меѓутоа, и од многу други инвеститори со кои што досега сме работеле заедно“, вели проект менаџерот Филип Андревски.

Опремата која што ја произведува Фероинвест е проектирана и изработена според највисоките светски стандарди од оваа област со стручноста на преку 150 вработени инженери и со најсовремените технологии на производство инкорпорирани во производствените комлекси на нашата групација.