Мартовските пензии ќе се зголемат линеарно за 1.000 денари, усвоени законските измени


Пратениците во рамки на денешната 94. седница дадоа поддршка за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, и двата по скратена постапка.

Со Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, се предлага зголемување на сите пензии за 1.000 денари од 1 март годинава. 

На почетокот на седницата, пратеничката на „Европскиот фронт“, Дијана Тоска процедурално побара еден час пауза за пратениците да можат да присуствуваат на сите седници на комисиите кои беа свикани за денеска.

По паузата координаторката на пратеничката група на „Европски фронт“, Рина Ајдари повторно побара пауза заради, како што рече, координација на работата на парламентарната група и внатрешното организирање за пратениците да постигнат да одат на сите свикани седници на комисиите, но претседателот на Собранието Африм Гаши објасни дека немаат право да бараат повторно пауза. 

Ајдари од собраниската говорница рече дека зад неизјаснувањето на пратениците за втората точка на дневниот ред за избор на член на Судскиот совет на предлог на Собранието се крие нешто друго, посочувајќи дека мнозинството нема доволен број пратеници за гласањето о бадентер. 

-Ден пред празник свикавте пленарна седница знаејќи какви обврски имаме. Што се планира тука? И каква позадина има? И ова ќе го разбереме. Но, значајно тоа што треба да го кажеме јавно е тоа што кандидатот за кој претендира ова мнозинство да помине, има одлука за разрешување во Судскиот совет. Затоа што немате гласови за Бадентер. За избор на кандидатот во Судскиот совет треба да гласаат 20 гласа, значи треба да имаме гласање со Бадентер – рече Ајдари. 

Претседателот на Собранието, Африм Гаши Гаши и одговори дека нема потреба од нервози и меѓусебни навредувања особено пред празник. Потенцира дека можел да и го одземе правото за збор бидејќи пратеничката не се повикала на ниту еден член за процедуралната забелешка и оти цело време зборувала за втората точка која била помината. 

Координаторот на пратеничката група на ВРЕДИ, Беким Ќоку нагласи дека било непотребно да се користи бараната пауза. 

-Пред празникот Бајрам од една политичка партија сега јавно позната со изјавите против Исламот, Рамазанот и против се што е свето во исламската вера, сега тие се повикуваат на овие верски норми кои немаат ниту еден грам почит бидејќи во прислушуваните разговори се слушна што зборуваат. Беше непотребна паузата од еден час, можевме да се договориме. Непотребна беше целата оваа маскарада, театар – рече Ќоку.

Гаши пред да ја прекине денешната седница упати честитка до претставниците на исламската вероисповед по повод утрешниот празник Рамазан Бајрам.