Марк Руте: Унгарија да го повлече анти ЛГБТ законот или да си оди од ЕУ


Пред денешниот самит на ЕУ имаше остри изјави од многу страни против контроверзниот анти ЛГБТ закон што го усвои Унгарија. Холандскиот премиер Марк Руте пред новинарите изјави дека Унгарија „мора да го укине“ овој закон и да ги почитува основните човекови права утврдени во член 2 од договорите на ЕУ „за кои не може да се преговара – или тие мора да си заминат“.

Руте сепак призна дека „не можам да ги истуркам – тоа може да се направи само чекор по чекор“, и дека тој претпочита да ја види Унгарија како се повлекува од контроверзниот закон и да ја задржи земјата во ЕУ. Меѓутоа, ако тоа не се случи, „овде веќе немаат место“, вели Руте, тврдејќи дека законот „сериозно противречи на вредностите за кои се залага Европа“. Доколку блокот не дејствува сега, тој ќе престане да биде унија на вредности и ќе стане обичен трговски блок, предупреди холандскиот лидер.

Белгискиот премиер Александар де Кро унгарската легислатива ја нарече „ретардиран закон“. Носејќи носејќи налепница со знаме на виножитото на блејзерот, Де Кро рече: „Да бидеме јасни, унгарскиот закон е ретардиран закон. Тој ги дискриминира луѓето врз основа на тоа што сакаат да бидат“, рече тој, повикувајќи се на унгарската мерка со која се забранува прикажување на хомосексуалноста кај малолетници.

„Европа е клуб со правила“, рече Де Кро, каде земјите не можат да добијат пари од ЕУ, а ги игнорираат правилата поврзани со неа. „Треба да бидеме јасни“, додаде тој. „Тука тие отидоа предалеку“.

Францускиот претседател Емануел Макрон беше малку помек во реториката, велејќи дека лидерите треба да имаат „искрена и цврста“ дискусија за европските вредности „кои се наша основа“ и „се засноваат на достоинството на секоја личност и борбата против дискриминацијата и не покажуваат слабост кон оние што го загрозуваат владеењето законот“.

Тој додаде дека иако го почитува суверенитетот на Унгарија „законот како што е предложен не е во согласност со нашите вредности и што е Европа“ и дека се надева дека дискусијата на лидерите ќе го наведе унгарскиот лидер Виктор Орбан самиот да го измени текстот.

Макрон исто така рече дека очекува европските институции „во името на сите нас и во името на нашите принципи“ да ги преземат очекуваните законски чекори кон Унгарија.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го бранеше законот.

„Ние немаме таков закон. Имаме закон за одбрана на правата на децата и родителите“, им рече Орбан на новинарите при пристигнувањето на самитот на Европскиот совет. Тој додаде дека „веднаш одговорил“ на писмото на 17 лидери на ЕУ кои потпишаа писмо за правата на ЛГБТК+ објавено во четвртокот.

„Не станува збор за хомосексуалноста, тоа е за децата и родителите, тоа е сè“, рече Орбан, додавајќи дека тој бил бранител на правата на хомосексуалците: „Јас сум борец за правата. … Хомосексуалноста беше казнета [под комунистичкиот режим] и јас се борев за нивната слобода и права. Значи, јас ги бранам правата на хомосексуалните момци, но овој закон не е за тоа“.