„Марили“, годинава, по јубилеен 30 пат бира „Најуспешни жени менаџерки“
Во април годинава, агенцијата „Марили“ одржува јубилејна манифестација на која ќе бидат доделени 30 награди, статуетки, на жени – менаџерки кои континуирано, долгогодишно успешно менаџирале и дали траен придонес кон македонската економија, по тој повод разговаравме со Лидија Трипуноска, генерален менаџер на „Марили“
Независен: Годинава агенција „Марили“ прославува 30-годишен јубилеј на своите носечки проекти „Избор на најуспешни жени менаџери и „Бизнис каталог“? Како планирате да го одбележите и кога ќе се случуваат јубилејните настани?
Трипуноска: Агенција „Марили“ годинава заокружува 30 години од двата најважни проекти „Бизнис Каталог на Македонија“ и манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, кои како афирмативни проекти, имаат цел да бидат, пред сѐ, промотори на најдоброто од нашата земја во делот на економијата, но и воопшто. И двата проекти ќе се финализираат и промовираат во април, а јубилејната манифестација ќе се одржи кон крајот на април 2026 година и на истата ќе бидат доделени 30 награди, статуетки, „Жена водилка“ на 30 жени менаџери од земјава за нивното континуирано, долгогодишно успешно менаџирање и траен придонес кон македонската економија. Идејното решение на статуетката „Жена водилка“ е на академскиот вајар, проф. д-р Никола Смилков, кој овој пат ја изработи во тродимензионален формат.

Овој пат, покрај постоечките критериуми, најважен е критериумот жените да се најмалку 10 години на менаџерски позиции, со што се потврдува нивниот континуитет и успех во работата.
Јубилејната свечена манифестација ќе се одржи како гала настан во еден од најелитните хотели во државата, со пригодна културна програма и во присуство на истакнати гости кои се дел од општествено – економскиот живот во земјава. Исто така, ќе присуствуваат и голем број на медиуми.
Независен: Како почна приказната на „Марили“, од каде потекнуваат идеите за креирање на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ и „Бизнис Каталогот на РС Македонија?
Трипуноска: Идеите за креирање на овие два капитални проекти настанаа во периодот на транзицијата, кога се создаваше и нашата современа македонска држава, која годинава одбележува 35 години од прогласувањето на независноста, и токму затоа, Воведниот дел на „Бизнис Каталогот на РС Македонија“ е посветен на овој многу значаен јубилеј.

Во тој период пред три децении, сметав дека недостасува проект кој ќе не промовира и афирмира секаде, во Европа и светот, и токму затоа Каталогот беше поставен како двојазичен „македонско – англиски“ проект и со Вовед кој беше посветен на различни теми во секое издание. Во Воведниот дел на секое издание беа обработувани теми кои се важни за нашата историја, нашата култура, огромното археолошко богатство, текстови посветени на еколошките региони, како и за природните убавини и за туристичките можности во нашата татковина.
НЕЗАВИСЕН: Бизнис Каталогот веќе 30 години е поддршка на манифестацијата преку бројни интервјуа со жените менаџери. Што сѐ било објавувано на страниците на „Бизнис Каталогот“?
Трипунсока: Бизнис каталогот претставува историјат и своевидно сведоштво на едно време, во конретниот случај, опфаќа 30 – годишен временски период, што не е воопшто наивно. Низ годините Каталозите изобилуваа со бројни, пред сѐ, бизнис интервјуа, но и интервјуа со нашите културни и спротски амабасадори.

Во Каталозите секогаш беа присутни и теми за стратешкиот развој на земјата, преку интервјуа со министри, амабасадори, конзули, гувернери, експерти и други истакнати личности. Исто така, преовладуваа и успешни бизнис приказни од нашата дијаспора, што ги одразуваше силните напори на нашето општество да се придвижи напред и да добие европски лик.
На страниците на Каталогот во секое издание беа нотирани нашите напори за влез во НАТО и Европската Унија, коишто се и главни цели за нашиот општествено-економски развој.
Секако, многу важно место заземаше делот за афирмација на жените во бизнисот, односно Каталогот беше вистинска поткрепа на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“.
Каталогот ги следеше и сите современи форми на дистрибуција и презентација, најпрво преку нашиот веб портал www.marili.com.mk, но и во онлајн продажба, како и присуство на Каталогот во широката продажна мрежа. „Бизнис катологот“ може да се најде во амбасадите, конзулатите, во регионот, во нашата дијаспора, во големите маркети, но и во каталогизацијата на „Народната универзитетска библиотека“ како траен запис кој е дел од историјата за економскиот развој на нашата земја.
Независен: Низ кои етапи мина манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“? Кои се вашите согладувања, колку женското менаџерство и лидерство напредуваа во изминатите три децении?
Трипуноска: Изминатите 30 години, манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ беше директен промотор и сведок за развојот на женските менаџерство и лидерство и нивното јакнење, и се покажа дека жените навистина напредуваат. Тие станаа пообразовани, поодважни, и токму ваквите проекти и храбри иницијативи ја сменија општествената перцепција за родовата еднаквост.

Денес женското менаџерство има традиција и со тоа е остварена идејата на овој проект кој упорно ги раскажуваше успешните бизнис приказни, кои се заокружуваат и со јубилејната манифестацијата.
Самиот проект мина низ неколку етапи. Почетоците ги вклучуваа храбрите жени, авангардни личности кои смело се бореа со сите предизвици на транзицијата, со ембарга, затворен пазар, и тоа беше најсуровиот период кога се создаде темелот на женското лидерство од исклучителни и бестрашни жени. Во овој период имавме и одлична соработка со наши успешни иселенички во дијаспората кои учествуваа во нашите манифестации цела една деценија. Ова беше со цел да ги прикажеме успешните бизнис приказни на нашите иселеници низ светот и да им овозможиме соработки и можности за инвестирање. Соработувавме со иселенички од Кралството Шведска, од Канада, САД, Србија и од Хрватска.
По 15 години се појави нов бран на помлади, но поедуцирани жени менаџери, кои со поголема самодоверба чекореа напред. Тогаш се забележуваа и претставнички кои беа на менаџерски позиции во странски компании – инвеститори во нашата земја, што беше доказ за големата наобразба и посветеност низ кои поминуваа овие менаџерки.
Во поново време зборуваме за семејни, но и други етаблирани бизниси, каде се претставени жените менаџери од втората генерација, кои се силни преводници на економскиот развој, насочен пред сѐ кон странските пазари, кои ги следат сите европски нормативи за добра производна пракса, за еко стандарди, за примена на најнови технологии и Вештачка интелигенција (ВИ).
Последната етапа од развојот на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менџери“ е во последните пет години, каде истата се проширува и во изборот учествуваат и менаџерки, лидерки и претприемачки од регионот, што претставува поголема компаративна предност за размена на идеи и искуства, напредување, но и заемни регионални вложувања.
НЕЗАВИСЕН: Изминатите пет години манифестацијата има регионален карактер. Како се позиционирани македонското женско менаџерство, претприемаштво и лидерство, во однос на регионот?
Трипуноска: Во однос на регионот, би кажала дека сме приближно на исто ниво, со тоа што некаде можностите, пред сѐ финансиски, се поприсутни и попристапни, односно некои држави имаат полесен пристап до ЕУ фондови и финансиски средства од евроспки институции и организации, во однос на нашата земја.

Сепак, македонското опшество е понапредно и посвесно во однос на родовата рамноправност. Но, морам да напоменам дека развојот на претприемаштвото заостанува во однос на поголем број на држави во регионот.
Се забележува недоволна посветеност на институциите, кои во суштина треба да се главен двигател за јакнење на женското претприемаштво.
Единствено се забележува исчекор на жените земјоделки и оние кои се дел од руралниот развој кои во изминатиот период добија основни загарантирани права на породилно отсуство, како и право на сопственост.
НЕЗАВИСЕН: Колку е важно меѓусебното заемно вмержување на жените од земјава, но и со жените менаџери од регионот, и колку тоа придонесе за соработка и размена на идеи и искуства?
Трипуноска: Можностите за регионална соработка и вмрежување се големи, и останува и во иднина да се развиваат и да даваат конкретни резултати. Во оваа насока „;Марили“ во изминатите четири години организираше „Марили Бизнис Форум“на различни економски теми, што секако даде една пообемна слика каде сме во однос на регионот и како жените менаџери од земјава треба да делуваат. Со овој „Марили Бизнис Форум“ потврдивме дека жените во нашата земја ги надминале формите на тематски дискусии и дебати само за „женски прашања“ и дека се рамноправен чинител во изградбата на економијата и современото општество.

Не случајно, пред 10 години, агенција „Марили“ го формира „Марили Бизнис Клуб“(МБК) кој ги обедини сите жени менаџери коишто биле дел од манифестациите, вклучувајќи ги и менаџерките од регионот, сѐ со цел соработката да се продлабочи и да се излезе надвор од границите на домашните пазари.
Мора да напоменем дека многу се важни иницијативите за хуманост и општествена одговорност на жените, кои се верификуваа и реализираа токму преку овој Клуб.
НЕЗАВИСЕН: Колку овие два проекта го трасираат патот на младите генерации во градењето на економски европско општество и колку ѝм даваат поттик на младите девојки и жени да се охрабрат и да градат успешни бизнис приказни во својата татковина?
Трипуноска: Сметам дека оставивме одлично наследство за младите генерации со двата проекта. Младите жени во бизнисот беа поттикнувани преку страниците од Каталогот, преку интервјуата на порталот на агенција „Марили“ и преку бројните манифестации, да се охрабрат во градењето во професионалните кариери, и да се убедат и уверат дека и на овие простори, може да се градат успешни бизнис приказни.

Токму континуитетот на овие проекти во овие три децении е потврда за младите генерации дека само со визија, посветеност, истрајност и силна борба, може да се дојде до професионален успех, односно дека сѐ што е големо „растело“. Поставени се темелите и трасиран е патот, особено за младите генерации на девојки и жени кои треба уште попосветено и поамбициозно да ја градат македонската економија.
Иако на почетокот интуитивно, сепак, изградивме европски проекти какви што ни беа и потребни, автентични и прилагодени на нашите услови и можности. Идејата од самиот старт е оригинална, и го следи нашиот сензибилитет за економски, културен и општествен развој.
Денес, и Каталогот и манифестацијата се силно етаблирани дома, во регионот, но и пошироко. Тие се нашето уникатно „НИЕ“, со кое има за многу што да се гордееме.(Б.Б.)