Маричиќ: Планот за раст ни дава дополнителна сила и мотивација да не се откажуваме од европската иднина


Фото: Б. Грданоски

Првиот заменик-претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ во врска со Планот за раст смета дека она што го барале од Европската Унија конечно е извесно дека ќе се оствари откако Советот на ЕУ и Евроспкииот парламент постигнаа согласност за предлогот на Европската Комисија за воспоставување на Инструментот за реформи и раст, односно Планот за раст за земјите од Западен Балкан.

„Ова претставува значаен чекор напред за Северна Македонија на патот кон ЕУ, како земја која веќе ги започна пристапните преговори и успешно ја заврши првата фаза односно скрининг процесот. Со други зборови Европската унијата се заложува да ја спроведе една од најголемите инвестициски стратегии за интеграција на регионот на Западен Балкан, преку заедничка соработка со вкупно 2 милијарди евра во грантови и 4 милијарди евра во заеми, за помош во реформите поврзани со ЕУ и економското приближување до европскиот стандард“, смета Маричиќ.

Инструментот ќе се реализира во периодот од 2024 до 2027, ќе го надополни постоечкиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА III), значително зголемувајќи ја финансиската помош за партнерите во регионот.

„Целта на Планот за раст е да ги поддржи партнерите на ЕУ од Западен Балкан во преземањето реформи поврзани со ЕУ и ќе го стимулира економското приближување со ЕУ, врз основа на амбициозните реформски агенди“, вели Маричиќ.