Маричиќ: Има структури што не ѝ мислат добро на нашата држава


 

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во интервју за „Локално“ вели дека во СДСМ има анализи кои покажуваат стагнација на ВМРО-ДПМНЕ и сериозен раст на неговата партија.

-Кон обединувањето за европска иднина за нашата држава придонесува и нашиот кандидат за претседател, Стево Пендаровски кој е претседател на сите граѓани, без разлика на нивното етничко или социјално потекло, а, сите знаат дека ова не е флоскула, туку суштина, истакнува вицепремиерот.

Тврди дека е лага  кога се вели дека можеме да преговараме и да очекуваме подобри услови за нешто што веќе го имаме на маса: заштитен македонски јазик и идентитет.  Тој што заговара репреговарање во суштина, според него,  заговара отворање на потврдениот македонски јазик во ЕУ.

-Кому му пречи потврдениот македонски јазик и идентитет во ЕУ?Врз основа на Договорот од Преспа веќе ги впишавме идентитетот и јазикот во личната карта на ОН и други меѓународни организации кадешто сме земја членка. Кој што сака може да каже, но тоа што имаме е прифатена и усвоена од Бугарија и од цела ЕУ преговарачка рамка, со заштитен македонски јазик и идентитет. Од друга страна, премногу е несериозно да го порекнеме, да „плукнеме“ на сето она што ЕУ и Европската комисија, како и најголемите членки на унијата, што го направија за нас и за обезбедување на почеток на преговорите. Со кого сакаме да водиме преговори? Со ЕУ или повторно само со Бугарија?

Ако така постапиме, ако порекнеме сѐ, на Бугарија ќе ѝ дадеме шанса дополнително да собира поени на македонското прашање кога веќе имаме чиста ситуација во нашиот македонски јазик и тоа за прв пат во историјата на нашите односи со Бугарија.

Мораме да бидеме реални дека постојат структури кои не ѝ мислат добро на нашата држава, ниту на регионот, и влијаат со тенденција да останеме во изолација и без перспектива.Иако нашиот пат до ЕУ беше трновит, тој пат нема алтернативи. Веќе седнавме на масата со европските развиени земји, кадешто можеме да ги кажеме нашите ставови и да влијаеме.

Треба да биде јасно и гласно кажано дека ако сега останеме во место и чекаме некои подобри времиња кои се само илузија во главите на ВМРО-ДПМНЕ, ќе влеземе во зона на тотална неизвесност и изолација со огромни последици по иднината и безбедноста на земјата. За членството во НАТО не дадоа поддршка, сега имаат шанса да ја поддржат европската иднина. Да не биде само да креваат пантолони или само да ракоплескаат на туѓа завршена работа. Нека се вклучат во процесот, порача Маричиќ во интервјуто за „Локално“.

За програмата на ВМРО-ДПМНЕ наречена „Платформа 1198“, членот на СДСМ оценува дека од она што беше презентирано досега, никој не може да го види нивниот план за ЕУ. 

-Во моментов, сите ние се наоѓаме пред еден од најсудбоносните моменти за нашата држава и за нашата иднина. Нашата порака е јасна и прецизна, СДСМ и нашата коалиција е ЗА продолжување на европските интеграции и подобрување на стандардот на живот за сите граѓани.СДСМ има коалициски партнери со кои ги споделуваме вредностите и визиите за иднина на нашата земја и ние веруваме во соработка и дијалог, во пронаоѓање на решенија, во создавање на услови за напредок за сите граѓани.Во едно нешто сме несомнено сигурни, тоа е нашата непоколеблива решителност и посветеност да се усогласиме со европските вредности и стандарди и да станеме дел од европското семејство до 2030 година – година која не е далечна и мора да ја засилиме динамиката на започнатите преговори, вели Маричиќ.