Реакција на МАНУ: Академијата е отворена за сите граѓани
Околу темата што ја отвори коалицијата „Вреди“ за формирање на академија на Албанците во македонија, со соопштение се огласи Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во кое се вели дека таа отсекогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, и дека насекаде во светот постои само една национална академија.
Еве го соопштението на МАНУ:
„МАНУ е формирана во 1967 година како највисока научна и уметничка институција во Република Македонија, во рамките на тогашната Југословенска федерација, со матична комисија составена од претседатели, попретседатели и членови на најстарите академии во Југославија. При тоа, првиот состав на академици е избран согласно највисоките универзални научни и уметнички стандарди и китериуми.
Денес МАНУ претставува најзначајна национална научна и уметничка институција од посебен општествен интерес во нашата држава, која со децении наназад, со својата научно-истражувачка дејност, творештво и советодавна улога, претставува столб во градењето и зачувувањето на идентитетот и државноста на македонскиот народ и деловите од другите народи кои живеат во земјата.
МАНУ отсекогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и каква било друга припадност. За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа.
Од нејзиното основање до денес, во Академијата членови биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници. Меѓу другите, во последната декада во составот на МАНУ имаше четири члена од албанска етничка припадност (од коишто во трите последователни раководства еден беше научен секретар, а двајца потпретстедатели на Академијата, од кои еден е во актуелното раководство), како и три члена надвор од работниот состав.
Naпоменуваме дека во Македонија, како и во земјите од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии.
Претседателството апелира МАНУ да не се вовлекува во дневно-политички расправи и партиски дискусии кои ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, а спаѓаат во доменот на Законодавниот дом и државните институции“, се вели во соопштението.