МАНУ бара реформата во образованието да биде транспарентна и стручна


По неколку институции и МАНУ денеска се јави со реакција на предложениот нов концепт на образованието и бара реформата да се транспарентна, стручн и целисходна. Во своето соопштение претседателството на МАНУ бара систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, бидејќи „македонскиот народ зборува на македонски јазик, веќе со векови, на територијата на државата и надвор од неа“.

Според академиците треба да постои динамична рамнотежа меѓу математиката, природните и техничките науки, од една страна, и општествените и хуманистичките науки, вклучувајќи ги етиката и моралните вредности, од друга страна. Потоа од МАНУ наведуваат како се изведувале глобалните реформи во образованието во изминатва деценија:

„Стандардизација на образовните системи и ставање акцент врз критериумите со коишто се мерат резултатите и успехот во образованието, при што критериумите за отчетност се базираат врз тестови, што е тесно поврзано со наградувањето и казнувањето на наставниците и училиштата;

поттикнување на државите да се фокусираат кон наставните програми за математика, природни и технички науки, и кон основна писменост, за сметка на пошироките форми на либерални уметности и прогресивните форми на наставни програми, реализација на наставата и учењето;

трансформација на образованиот систем заснован врз менаџерски модели увезени од бизнис-секторот, при што моделите се водени од пазарните пристапи кои го привилегираат максимизирањето на ефикасноста, профитот и конкуренцијата, наспроти целите кои го промовираат човековиот развој и зајакнувањето на демократските општествени односи“, се вели во соопштението од МАНУ.