Малите ХЕЦ под засилен надзор на инспекторите за животна средина, ќе се мери и биолошкиот минимум


Директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска денеска посочи дека во однос на малите хидроелектрани наскоро планираат сериозна активност каде ќе ги насочат своите ограничени ресурси, бидејќи досега фокусот бил на загадувачите на воздухот.
 
-Сега во итен рок на сите 94 изградени мали хидроелектрани ќе направиме план за надзор, а особено ќе направиме нова процедура за мерење на биолошки минимум која досега не постоела, информира Петровска.
 
Во однос на малите хидроелектрани во Лешница, таа вели дека досега имале едно постапување, излегле на терен за да видат прво што се случува, односно во која фаза е изградбата на малите хидроелектрани за кои се издадени водостопански согласности, но, како што рече, Општина Тетово нема утврдено одлука за санитарна зона со која би се заштитил изворот.
 
-Во моментов немаме градежни активности горе, ние ја собравме целокупната документација поврзана со добивање на дозволи од надлежните органи за овие мали хидроелектрани од тој момент на надзор и по активностите кои се за изрекување на мерки до општината Тетово не сме имале дополнителни постапувања, тече рокот за спроведување на овие мерки и доколку во тој рок не се постапи по нашите наредби ќе започнеме со постапка со oпштината Тетово, рече Петровска.