Максим Димитриевски се закани со излегување од владата


Максим Димитриевски

Градоначалникот на Куманово и лидер на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски упати предупредување дека неговиот политички субјект ќе ја напушти владеачката гарнитура доколку се повтори ситуацијата од минатата недела, кога албанско знаме осамна во Владата на координацијата на првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити со министрите од коалицијата ВЛЕН.

-Ќе реагирам исто како што реагирав и кога новиот претседател на Собранието направи нешто слично. Ова е само тој „ДУИ-наратив“ кој што продолжува во континуитет. Ако продолжи таквиот однос и непочитување…Првично ние не го фативме тој момент од самиот старт, но првпат јавно кажувам дека доколку таквото однесување продолжи, нема да бидеме дел од Владата. Ќе излеземе од Владата, кажа Димитриевски во подкастот на ТВ Канал 5 – „На кавга со Иван“.

Лидерот на ЗНАМ е дециден дека „нема дозволи да се случува вакво нешто со што се покажува елементарно непочитување на државата и македонскиот народ“.

Но, по 24 часа Димитриевски се пишмани и сега ќе им остави простор на министрите да се коригираат.

Од Вреди не им е јасно зошто на Димитриевски му пречи албанското знаме и ги поканија министрите на ЗНАМ на координација кај првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.Меџити соопшти дека почнува пракса на редовна координација со министрите, замениците-министри и другите избрани и именувани кадри на коалицијата. Во соопштението од првата средба се вели дека редовната координација се воспоставува „во насока на обезбедување висок степен на ефикасност во спроведувањето на нашите програмски заложби“.На координацијата, покрај македонското знаме и знамето на ЕУ, стоеше и албанското знаме.

„Предизборната кампања одамна заврши затоа сметаме дека ваквата реторика никому не оди во прилог. Подобро ќе беше претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, пред да одлучи да коментира јавно, преку медиуми, да се информира што е целта на средбата на првиот вицепремиер Изет Меџити со министрите на Вреди. Сметаме дека е таков ‘куќниот ред’ во една заедничка Влада.

Не гледаме ништо спорно во редовна координација на нашите министри заради обезбедување на ефикасност во спроведувањето на програмските заложби. Еве може да ги поканиме и министрите на ЗНАМ на следната координација, за да се уверат во ова што го говориме.

Што се однесува до албанското знаме, имаме само една порака, не ја оспорувај употребата на симболите на албанскиот идентитет, како што не сакаш да бидат оспорувани симболите на македонскиот идентитет. Впрочем, заложбите за меѓусебно разбирање и соживот со Албанците не смеат да важат само за време на кампањите за локални избори“, се вели во изјавата од коалицијата Вреди.