Максим Димитриевски не сака претседателот да се избира во парламентот


Никогаш нема да се согласам со уставни измени кои го редефинираат изборот на претседателот со избор во Парламентот, а не од страна на граѓаните, порача денеска од Кичево претседателскиот кандидат, Максим Димитриевски.

Димитриевски рече и дека ако стане претседател, ќе стави крај на монолитното веење знамиња низ целата држава. Земјата, потсети, има државно знаме, а мора и да се почитува тоа што е напишано согласно уставот и законите.  

Според него, треба да градиме реално мултиетничко општество во кое сите имат еднакви права, но и еднакви обврски.

-Граѓаните му ја даваат моќта на претседателот, а политичките партии му ја одземаат и го релативизираат. Македонија заслужува да има претседател кој ќе излезе од граѓаните и ќе се грижи за граѓаните. Ако сметате дека треба да ги поддржите оние што се вртат во круг 30 години, а никој не размуслува за граѓаните и националите и државните интереси, тогаш почитувани, продолжете така. Но, јас мислам спротивно од тоа. И оваа, а и претходната власт треба да се казни. Дали има можност во Македонија прв пат да се гласа за, а не против. Има. Тоа е Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, потенцира Димитриевски.

Тој дополни дека нема да потклекне на скриени барања од страна на поединци, кои сакаат да реализираат национални стратегии.

-Македонија единствено може да биде држава на сите нејзини  граѓани, но притоа столбот на државата го поставија нашите претци, Македонците, зааедо  со останатите кои живеат на овие простори, напомена Димитриевски, додавајќи дека ќе го даде  својот максимум за државата, за народот и за секој граѓанин.

Караванот на кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ- За наша Македонија денеска ќе ги посети Демир Хисар, Кривогаштани и Прилеп.