Макрон поднесе тужба за клевета против американска инфлуенсерка која тврди дека неговата сопруга е маж

Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит во средата поднесоа тужба за клевета во САД против десничарската инфлуенсерка Кендис Овенс, поради нејзиното тврдење дека првата дама на Франција е машко лице, објави Ројтерс.
Во тужбата, поднесена до Врховниот суд на сојузната држава Делавер, сопружниците Макрон наведуваат дека Овенс води „кампања исполнета со лаги и глобално понижување“ за да го промовира својот подкаст и да ја прошири својата база на обожаватели.
Тие тврдат дека Овенс лажно изјавила дека Брижит Макрон, која има 72 години, е родена под името Жан-Мишел Троњо, вистинското име на нејзиниот постар брат.
„Овенс го анализираше нивниот изглед, бракот, пријателите, семејството и личната историја извитоперувајќи сè во гротескно наративно ткиво создадено да провоцира и понижува“, стои во тужбата.
„Резултатот,“ се додава, „е немилосрдна кампања на вознемирување со глобален опсег“.
Во својата последна епизода во средата, Овенс изјави дека „тужбата е исполнета со фактички неточности“ и ја нарече „очигледна и очајна стратегија за односи со јавноста“ насочена кон нејзино оцрнување.
Овенс истакна дека не знаела дека ќе биде тужена, иако адвокатите на двете страни комуницирале уште од јануари.
Портпарол на Овенс изјави дека самата тужба претставува обид да се заплашат независни новинари. „Ова е напад од страна на странска влада врз правото на слобода на изразување на американски независен новинар“, рече портпаролот.
Во заедничка изјава преку нивните адвокати, Емануел и Брижит Макрон наведуваат дека одлучиле да поднесат тужба откако Овенс одбила три формални барања за повлекување на клеветничките изјави.
„Кампањата на Овенс очигледно беше наменета за вознемирување и нанесување болка на нас и нашето семејство, како и за добивање слава и внимание. Ѝ дадовме повеќе можности да се повлече, но таа одби“, стои во изјавата.
Тужбата во Делавер претставува исклучително редок пример каде шеф на држава тужи за клевета.
Во САД, јавни личности мора да докажат т.н. „реална злоба“, дека тужениот знаел дека информацијата е лажна или дејствувал со намерна негрижа за вистината што е висок правен праг.
Овенс има повеќе од 6,9 милиони следбеници на X (поранешен Twitter) и над 4,5 милиони претплатници на Јутјуб.
Тужбата се однесува на нејзиниот подкаст во осум дела под наслов „Becoming Brigitte“, кој има повеќе од 2,3 милиони прегледи на Јутјуб, како и на придружните објави на социјалните мрежи.
Според сопружниците Макрон, серијата шири „докажано лажни и деструктивни тврдења“, меѓу кои дека Брижит украла туѓ идентитет, дека е трансродова личност, како и дека е во крвно сродство со сопругот што би значело инцест.
Во тужбата се разгледуваат околностите под кои се запознале Емануел и Брижит, кога тој имал 15 години и бил нејзин ученик, при што се нагласува дека нивната врска „секогаш останала во рамките на законот“.
Според тужбата, шпекулациите за полот на Брижит Макрон почнале да се појавуваат уште во 2021 година, и биле тема на популарни подкасти како оние на Такер Карлсон и Џо Роган.
Во септември, Брижит доби тужба за клевета во Франција против две жени, но апелацискиот суд ја поништи таа пресуда овој месец, а Брижит сега поднесе жалба на таа пресуда.