Макрон му рекол на Мицкоски дека ќе нѐ поддржи, но да ги исполниме меѓународните обврски
Макрон, како што додаваат од Елисејската палата, му посочил на Мицкоски дека Франција ќе го поддржи евроинтегративниот пат на државава, но како што потенцирал, во согласност со нејзините меѓународни обврски.
„Претседателот на Републиката ја потврди поддршката на Франција за европската траекторија на Северна Македонија. Тој посочи дека Франција ќе ги поддржи сите напори на Северна Македонија во оваа насока, во согласност со нејзините меѓународни обврски“, се наведува во соопштението на Елисејската палата.
Неофицијално, Париз не седи со скрстени раце и сака да помогне да се одблокира сегашниот застој во нашите преговори, но решението не се бара во одлагање на уставните измени. Во Париз сметаат дека нема потреба да се чека политичка влада во Софија бидејќи сите партии во Бугарија имаат ист став за спорот со Македонија, а освен тоа и таквата влада има надлежност да носи одлуки во земјата. Во кој правец ќе се бара решението не е јасно искристализирано, но треба да биде нешто измеѓу ова што е сега на маса, со уставните измени како незаобиколен услов за продолжување на преговорите.