Макрон до Пендаровски: „Ја имате целата моја поддршка на патот кон ЕУ“


Претседателот на Франција, Емануел Макрон, по повод 8 Септември, Денот на независноста, упати честитка до македонскиот претседател Стево Пендаровски, во која тој нагласува дека државата ја има „целата моја поддршка за европската перспектива на Северна Македонија“.

Во честитката, меѓу другото, се вели:

„Ја искажувам и целата моја солидарност како и солидарноста на францускиот народ кон македонското население кое исто така е погодено од пандемијата со Ковид-19. Ви ја упатувам и мојата срдечна благодарност за помошта при репатријација на француски и европски државјани на почетокот на кризата.

Посакувам нашите билатерални односи да продолжат да се зајакнуваат. Француската стратегија за Балканот предвидува засилена поддршка на Франција за економски и социјален развој на регионот, благодарение на претстојните активности на Француската агенција за развој во Северна Македонија на поле на трајниот развој.

Оваа 2020 година беше важна етапа во евро-атлантското приближување на Северна Македонија, која стана 30-та членка на Атлантската Алијанса, на 27 март 2020 година. Ја поздравувам одлуката од 25 март на Советот на Европската Унија за отворање на преговорите за членство на вашата земја.

Бидете убеден дека ја имате целата моја поддршка за европската перспектива на Северна Македонија. По одлуката на Советот од 25 март, посакувам што побрзо да се утврди преговарачката рамка. Франција ќе следи дали таа сооодветно ја одразува новата методологија за проширување и ќе продолжи да ги поддржува неопходните реформи за постигнување напредок на Северна Македонија кон Европската Унија, особено на поле на владеењето на правото кое е во сржта на европските вредности“.