„Макпетрол“ со впечатлив финансиски баланс во првите шест месеци од 2022 година
Во периодот од јануари до јуни годинава, „Макпетрол“ АД Скопје остварил раст од 83,54 отсто на вкупните приходи, покажува анализата на првото полугодие од 2022. Тоа значи дека компанијата остварила приход од 16,33 милијарди денари. Во 2021 година, пак, друштвото на овој план имал резултат од 7,43 милијарди денари.
Приходите во малопродажбата се зголемени за 58,47 проценти. Прометот со нафтени деривати има раст од 8,20 проценти, а порастот на продажбата на останатиот малопродажен асортиман е за 40 отсто. Во големопродажбата, „Макпетрол“ има раст на приходите од 277,43 проценти, како резултат на природниот гас, чија што продажба во првите шест месеци е зголемена за 11 отсто. Има раст и на продажбата кај млазното гориво, од 140,07%.
На планот на трошоците, во периодот јануари-јуни 2022 година „Макпетрол“ има расходи од 15,74 милијарди денари. Ова е зголемување за 81,52 проценти, односно 7,07 милијарди денари.
Добивката, исто така, е дел од овој позитивен бран кај „Макпетрол“. Во 2021 година таа била 223 милиони денари, додека во првите шест месеци од годинава, таа е 585 милиони денари, пред оданочување. Тоа значи дека „Макпетрол“ во првата половина остварил добивка што е повеќе од двојна, доколку се спореди со периодот јануари-јуни 2021 година.
Сето ова потврдува дека првата половина од финансиската 2022 година „Макпетрол“ ја заврши со одлични пазарни резултати. Компанијата останува лидер на пазарот со нафта и нафтени деривати.