Маки со сонцето
Грците направиле маички со кои се потсмеваат што во Скопје се вадело шеснаесеткракото сонце од Кутлеш на шахтите по улиците, тврдат некои овдешни медиуми. Битолчанец го враќа ударот, па со спреј го црта сонцето по шахтите. За сето тоа време, непознати јунаци длабоко во ноќта ги оштетуваат таблите пред спомениците на Александар Македонски и Филип Втори, на кои пишува оти се дел од хеленското наследство. И, на крајот, македонската влада, која цела деценија додека беше во опозиција обвинуваше за грабеж со „Скопје 2014“, ќе поставува засилена стража за да ги зачува најекспонираните споменици од тој контроверзен проект.
Тешко е да се пофатат сите глупости што се случуваат деновиве, по истекот на шестмесечниот рок од официјализирањето на договорот за името. Властите започнаа да ја применуваат точката што предвидува отстранување и неупотреба на поранешното знаме на јавен простор од страна на јавни и државни институции. Шесте месеци изминаа среде аферата „Рекет“, која веројатно беше добредојдена за пренасочување на вниманието на јавноста, иако, имајќи предвид дека сите точки од договорот се чувствителни за добар дел од Македонците, не е за верување оти некој друг термин ќе поминеше незабележано.
И сега, не е работата дали сакаме или не сакаме да се придржуваме до договорот од Мала Преспа. Точките од решението што го потпишаа Никола Димитров и Никос Коѕијас се знаеја со месеци, а меѓу другото, јасно беше оти од август ќе треба да се откажеме од симболот од Кутлеш. На сила или не, договорот помина во македонското Собрание, а рака на срце, немаше ниту којзнае какво противење од народот и од политичките партии што беа против.
Грците, наводно, формирале тим што ги следи случувањата во Македонија и внимаваат дали и колку го исполнуваме тоа што сме го потпишале. Ако не сме се држеле до роковите, ќе ни прават фаули до Брисел. Ќе беше убаво кога властите од Атина би биле толку внимателни и кога е во прашање нивниот дел од задачите. Но, ете, проблем им е да ги сменат патоказите од Халкидики кон „Скопиа“.
Сигурно дека смената на власта во Грција ќе значи и поголема крутост од нивна страна. Никој веќе не очекува оти процесот ќе тече мазно, како што би се очекувало доколку Алексис Ципрас останеше премиер. И, затоа, разбирлива е тактичноста на македонските власти. Не сакаат да ги разбудат духовите од минатото сега кога очекуваме датум за преговори со Европската Унија и конечна ратификација на членството во НАТО.
Сепак, на „Илинденска“ можеби треба да бидат повнимателни и кон своите граѓани, оти без оглед колку македонската идентификација со антиката е рационална, секоја нова отстапка покрај името изгледа непотребна во нивните очи. Како да објасниш дека сонцето на шахтите може да нè чини вето за датум од Брисел?
Од друга страна, време е да сфатиме дека ниту Александар ниту Филип ќе ни овозможат подобар живот и посветла иднина. Тоа би требало да им биде јасно на сите. Отстранувањето на таблите за некого веројатно е излив на непокор, но, во суштина, е небитно бидејќи нема да ги смени ниту договорот ниту реалноста. Ајде конечно да почнеме да се занимаваме со вистински важните работи.
Горан Адамовски