Македонските вина се причина да станам вински презентер, вели словенецот Дејан Лепушек

Во нашата држава се затвораат за товарен сообраќај граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, а Табановце - Прешево ќе биде затворен од српската страна


Македонските вина се причина да станам вински презентер,  вели гордо Словенецот Дејан Лепушек за МИА, кој веќе неколку години е промотор на нашите вина во светот. Овие два дена е во Винскиот музеј во Кавадарци како презентер на работилница за развој на винскиот туризам и се обрати пред претставниците на македонските фамилијарни винарници. Настанот е во организација на Wine Berry и Здружението на македонските семејни винарници, здружение со седиште во овој град.

– Виновник се токму македонските вина. Доаѓам од областа на металургијата, со години се занимавав со мојата металуршка професија. Бев менаџер во компанија. Во Словенија тогаш баш и не пиев вино. Не бев ни пробал, не знаев да купам, да изберам. Кога пред пет години доаѓав на службени патувања баш во Македонија, се воодушевив, не можев да верувам дека постојат такви вина. Мојата сомелиерска работа почна тука, со вашите вина презентирајќи за почеток три македонски винарници во Словенија – откри тој.

Притоа сподели дека ја напуштил својата поранешна професија и веќе околу пет години се занимава со презентација на вина. Основно, македонски, но и од други винарии од светот.

– Баш многу ги промовираме македонските вина, бидејќи овие ваши македонски вина ми се во срцето. А кога луѓето ќе го почувствуваат тоа, не е тешко да се продаваат овие ваши македонски вина. Луѓето кога пробуваат, се уверуваат во моите зборови и ги купуваат вашите вина. Постепено ја проширив работата и со други вински региони, презентирајќи мали семејни винарии.  Промовирам автохтони сорти на вино, правам презентации. Многу сум емотивен и посебно поврзан кон вината од македонските семејни винарии, емотивно кажа тој.

Притоа порача да се дегустира со мерка, а кога е така, виното е лек.

Овој човек на возраст од 50 години, подвлече дека туристите многу често не се интересираат за сорти на вино што ги има во целиот свет и што може да ги пијат било каде да одат.

– Напротив, туристите се интересираат за автохтоните сорти на грозје, како македонската автохтона сорта „станушина“ што се одгледува само на овој простор, таа е вашиот македонски вински ДНК, истакна тој.

Оваа македонска автохтона сорта на грозје во најголемиот лозаровинарски регион во државата, Тиквешкиот, ја нарекуваат македонско девојче, македонска винска принцеза и македонски бисер.