Македонските режисери и продуценти бараат пари сега, а не во декември


Откако Министерството за култура демантираше дека  пристапило кон кратење на буџетот во културата, а уште помалку на буџетот на Агенцијата за филм, зашто во моментов во собраниска процедура е донесување на одлука за прераспредба на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите, македонските режисери и продуценти со нова реакција. 

Во новиот допис се вели: 

„Благодарност до Министерството за култура за брзата реакција. Со овој обид за демант и официјално се потврдија нашите информации дека е предвидено кратење на средства од буџетот за филмска дејност на Агенцијата за филм.

Министерството изјавува дека наводно за финансиските средства кои сега ќе ги земе од Агенцијата за филм ќе преземе активности да ги врати до крајот на годината. Затоа уште еднаш нагласуваме дека средствата предвидени во буџетот за 2023 година ни се потребни веднаш и сега, а не во декември, уште помалку следната година.

Проектите кои се веќе во реализација и оние чие снимање е предвидено да започне овој период не може да го чекаат евентуалното враќање на одземените средства на крајот од годината. На тој начин, колегите кои ги водат и се ангажирани на овие проекти ќе бидат во неизвесност дали и кога ќе ги добијат финансиските средства. Постојат трошоци за непречена реализација на филмовите кои мораат да бидат исплатени во текот на снимањето. Без прецизна и навремена динамика на исплата на ваквите трошоци не може да се одвива  снимањето на било кој филмски проект насекаде во светот. Дополнително потсетуваме, филмските работници живеат единствено од хонорари, никаде не се вработени и не примаат плата.

 

Во изминатите години сведоци сме на најразлични ветувања кои никогаш до крај не се исполнуваат. Буџетот за филм континуирано се крати  наспроти зголемувањето на содржините и буџетите во цела Европа. Несфатливо е што буџетот за филм се крати и покрај големите успеси на македонскиот филм на интернационално ниво.

Уште еднаш упатуваме барање до Министерството за култура за повлекување на предлогот за кратење на средствата за филмска дејност во тековната 2023 година и овозможување на користење на средствата од посебната сметка на Агенцијата.

Воедно, упатуваме барање до Министерството за култура и Агенцијата за филм за заедничка средба која треба да се одржи што поскоро, на која ќе се стават на маса сите актуелни прашања и ќе се разговара за правилно проектирање на буџетот за 2024 година, со што ќе се овозможи македонската кинематографија да застане цврство на нозе и да чекори непречено кон нови успеси“. 

Следува потпис од 70 македонски режисери и продуценти.