Македонските граѓани со стар пасош по 12 февруари ќе се враќаат дома само – со пропусници од амбасадите
Македонските граѓани што имаат непроменети пасоши ќе можат да патуваат во странство до 12 февруари, е старата вест која ги бранува страстите во државата овие денови. Новата е дека ако отпатуваат на 12 февруари и сакаат да се вратат на 13-ти, ќе немаат важечка патна исправа и ќе мораат да бараат помош од нашите амбасади или конзулати. Тоа значи исто така дека сите што заминале во странство, во Тајланд, на Малдиви или други држави на подолг одмор пред да стапи во сила оваа одредба од Преспанскиот договор, ако треба да се вратат по рокот – ќе мораат исто така да си обезбедат патни пропусници од нашите дипломатски преставништва.
-Доколку државјани на Република Северна Македонија кои престојуваат во странска држава (по било која основа) и кои до 12 февруари немаат извадено нови пасоши, истите можат да се вратат со Патен лист, издаден од најблиското дипломатско конзуларно претставништво на Северна Македонија, порачаа денес од Министерството за надворешни работи. Во соопштението исто така стои:
-Нашите државјани имаат право да се сликаат во најблиското дипломатско конзуларно претставништво во странство во кои имаме воспоставено базна или мобилна станица, преку телефонско закажување или комуникација по е-маил. Претставништва со базни станици има во: Минхен, Бон, Берлин, Берн, Виена, Љубљана, Лондон, Њујорк и Чикаго. Претставништва со мобилни станици има во: Брисел, Стокхолм, Венеција, Торонто и Мелбурн. Процедурата за стекнување со нова патна исправа од денот на сликање трае околу 30 дена, по што државјаните ги подигнуваат новите патни исправи во дипломатското или конзуларното претставништво каде е направено сликањето. Во случај државјанинот да не е во можност да ја подигне патната исправа во претставништво, по негово барање и по потпишување на изјава, може истата да ја добие преку брза пошта, при што трошоците или поштарината се на негов товар.
Ги повикуваме останатите државјани кои се во странство, а кои немаат можност да се стекнуваат со нови патни исправи преку дипломатските и конзуларните претставништва, тоа да го направат во земјава (вклучувајќи сликање и подигнување на новата патна исправа), поради неможноста истите да се достават преку пошта.
Воедно, би сакале да потсетиме дека рокот на старите пасоши истекува на 12 февруари и истото значи дека по тој датум, без нови патни исправи нашите државјани немаат можност да ја напуштат нашата земја’, објаснуваат од МНР.
Ова практично значи дека од 12 февруари ќе сведочиме за многу драми на граѓани кои заминале на зимување, патување или летување, а не можат да се вратат во Македонија на регуларен начин.