Македонските Бугари предлогот на акцискиот план за малцинствата го добиле прво на англиски, а потоа и на македонски јазик

Според еден од основачите на здружението „Балкански мост“, Георги Црномаров, верзијата на македонски јазик ја добиле вечерта пред истекот на рокот предвиден за консултации


 

Според еден од основачите на здружението „Балкански мост“ верзијата на македонски јазик ја добиле вечерта пред истекот на рокот предвиден за консултации

Прво на англиски, а потоа и на македонски јазик.

Така го добиле предлогот на акцискиот план за малцинствата претставниците на македонските Бугари, околу кој последниве денови повторно се вжештија недоразбирањата меѓу Скопје и Софија.

Битолчанецот Георги Црномаров, еден од основачите и член на здужението „Балкански мост“, за „Независен“ вели дека планот го добиле првично само на англиски јазик и имале четири дена во декември да се изјаснат (до 2 декември за присуство на консултациите), а потоа пред да ги достават своите забелешки, вечерта пред истекот на рокот, добиле верзија на мејл и на македонски јазик.

„Консулатацијата за акцискиот план ја добивме на англиски јазик, четири дена беше така, друго ќе беше да ја добиеме на мајчин јазик (македонски) за да ја обработиме многу подобро. Консулатација беше на околу 40 страници и ние во рок од 4 дена колку што ни беше даден рокот не можевме да се подготвиме. Сето ова наликуваше на една обична ‘приказна’ за да се исполни условот пред ЕУ, а не сметам дека сакаа да прочитаат што мислиме ние“, ни изјави Црномаров.

За консулатација за акцискиот план биле присутни три бугарски здруженија од Македонија и тоа „Балкански мост“ на Љупчо Јошевски и Георги Црномаров, „Една роза“, на поранешните членови на згаснатото здружение „Иван Михајлов“ од Битола и „Трибуна“ на Атанас Величков.

„Од нас се бараше да кажеме што мислиме за акцискиот план. Но, ние кажавме дека многу доцна сме известени. Кажавме дека се чувствуваме загрозени што не сме вметнати во Уставот како државотворен народ, како Бугари. Уште постои балансерот и немаме право да си ги оставариме работните обврски, и тоа го кажавме, односно немаме право да се вработиме по тој услов. Во Комисијата за заштита и унапредување на правата на припадниците на заедниците нема член Бугарин. Во суштина ние сме доцна вклучени, требаше да не побараат пред околу 3 години кога се формираше Комисијата“, вели Црномаров.

Во однос на тоа колку акцискиот план ги штити правата на Бугарите во Република Северна Македеонија , како дел од народите, Црномаров вели дека акцискиот план не ги штити правата на Бугарите како заедница, туку е многу општ.

„Придонесот на нашата заедница е легитимен и треба конечно да се одрази во конечната верзија на овој важен документ“, вели Црномаров и објаснува што, според нив, главно треба да содржи планот?

„Треба да бидеме свесни дека акциониот план не го составуваме само затоа што е некаков формален услов на преговарачката рамка. Во нашата земја постојат сериозни дефицити поврзани со заштитата на човековите права: институционален притисок, судска репресија, дискриминација, потиснување на слободата на изразување и собирање, пречки за самоидентификација без последици. И лично сум имал такво искуство кога ќе кажам дека сум Бугарин и кога ми велат:  Од каде Бугарин кога си роден во Македонија“, наведува Црномаров и накрај го истакнува предлогот на здруженија за акцискиот план.

 „Даваме предлог Агенцијата за оставарување на правата на заедниците да контактира и да се консултира со секоја од заедниците на позначаен и поопфатен начин со цел да се добие нивната специфична перспектива за прашањата и да се одрази во предвидениот опсег на акцискиот план“, наведува Црномаров. (А.Б.)