Македонскиот либерализам е во исчезнување, вели Сашо Орданоски

Денес либерална Македонија може да се прогласи за „умрена“


Фото: Б. Грданоски

 

Во Македонија, кога се ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во прашање, во принцип и во „нормални“ демократски времиња, на власт на избори доаѓа онаа партија која ќе успее да се обрати кон 150-200 илјади гласачи кои не се нивни партиски членови. Тоа се луѓе со релативно подобро образование и подобар социјален и професионален статус од просекот, граѓани кои поседуваат повисок степен на „критичка свест“, негуваат помалку клиентелистички врски кон власта и чиј примарен извор на информации за светот и векот не е, да речеме, Фејсбук, а ни отровот по партиските портали. 

Повеќето од нив не би можеле да се опишат како наклонети гласачи кон ВМРО-ДПМНЕ, а ако веќе излезат на гласање, поголем дел од нив гласаат за нешто од понудата на СДСМ. Кога имаат причина за незадоволство, од протест, не излегуваат на гласање, што е од корист на ВМРО-ДПМНЕ. Поретко прават и масовно „гласачко казнување“, како, на пример, во случајот со колективното изборно самоубиство наречено „Данела Арсовска“, со право предизвикано од аберацијата „Петре Шилегов“, пишува Сашо Орданоски во колумната за „Цивилмедиа“.

Според него, вистинската либерална агенда во Македонија отсекогаш била во оперативна „надлежност“ главно на СДСМ, иако и таму постојано била во вредносно и мислечко малцинство. Тоа е така бидејќи голем дел и од членството во СДСМ често се покажувале како растревожени македонски националисти во полната смисла на таа идеолошка припадност, иако со помали нијанси на примитивност отколку во фракциите во ВМРО-ДПМНЕ. Па, сепак, факт е дека либералните структури во СДСМ успевале да „удираат“ и да се наметнат над нивната фактичка бројност и „боксерска категорија“, особено во раководството на партијата и особено во клучните историски моменти кога тоа било потребно. И тоа секогаш со адекватна поддршка од непартиското, либерално граѓанство, низ медиумите, во академските кругови и во невладините организации од редовите на оние 150-200 илјади „поливалентни“ гласачи.

„Денес либерална Македонија може да се прогласи за ‘умрена’. Најмногу затоа што либералниот наратив во СДСМ – тој некогашен агенс на македонскиот современ општествено-политички прогрес – е или сосема маргинализиран или само формално евро-реформаторски присутен. Јавниот наратив на таа партија е преплавен со кукумјавките по македонската историја, со ‘натпреварот’ во заштитата на ‘националните македонски интереси’ и патетичната трка по меѓународни ‘гаранции’ дека јазикот-па-јазикот-па-јазикот ни е издлабен во каменот на вечноста… А, во меѓувреме, имаме најлошо образование во Европа, увезуваме над две-третини од храната што ја јадеме, на клиника ни пломба не се става без врски, обични градски кружни текови се градат меѓу 12 и 24 месеци, обвинителите уредно се бираат по партиски директиви, а единствениот концепт за напредокот на нацијата е сведен на трката по инвестиции во сончеви колектори… Важно јазикот го одбранивме! На кој зборуваат сѐ помалку луѓе во државата“, пишува Орданоски.

Тој вели дека е мал капацитетот во сегашните врвни структури во СДСМ за производство на политички и идеолошки наративи. „Главно мислат дека е тоа проблем на ПР, сѐ е сведено на ‘односи со јавност’, и со тој ‘чекан’ ја коваат секоја ‘шајка’ за којашто немаат подобар одговор“, вели Орданоски и наведува дека ништо не е поразлична ситуацијата во кадровскиот состав на македонската опозиција. „Ама таму идеолошката матрица и следствените куку-леле политички наративи се далеку поедноставни: национализам и криминал/корупција во различни форми, содржини и ригидности. Па, сепак, денес СДСМ 95% од своето време го троши на ‘нивниот’ вмровски терен, а во сопствениот шеснаестерец, често на самата своја гол линија. Малата публика останата на трибините ни со вар-технологија не може да утврди кој води во натпреварот. Другите се заминати уште на полувремето“, пишува Орданоски.

И заклучува дека за „либерално-демократска обнова“ на СДСМ би требало да му е од примарна важност под своја „контрола“ да ги врати ресорите кои го дефинираат политичкиот систем во државава со кои најлесно тргуваат во секое ново коалициско пазарење. „И не само затоа што главната политичка иницијатива во областа на економијата и судството веќе му е препуштена на ДУИ, а за успехот на борбата против криминалот и корупцијата ‘банкрот-сметката’ да оди речиси исклучиво на контото на СДСМ. Во таквата владејачка формула нема политички ќар за СДСМ ни на кратки, а секако не на долги патеки. За либералната опција во државава, пак, воопшто не“, заклучува Орданоски.