Европска банка дава 250.000 евра за поддршка на високото образование во Македонија


Фото: Б. Грданоски

Развојната банка на Советот на Европа ќе обезбеди грант од 250.000 евра за поддршка на високото образование во Македонија, објави „СиЊуз“.

Средствата ќе бидат доделени преку Шпанската сметка за социјална кохезија, по договор потпишан со Владата на Македонија.

Грантот е наменет за техничка помош при подготовката и започнувањето на инвестициски проект поврзан со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Тоа значи дека средствата ќе се користат за подготовка на идниот проект, а не директно за градежни активности или опремување на факултетите.

Шпанската сметка за социјална кохезија финансира техничка помош за проекти на Развојната банка на Советот на Европа кои имаат изразено социјално влијание.

Банката е присутна во македонскиот образовен сектор уште од 2007 година. Со нејзина поддршка досега се изградени 100 објекти за физичко образование и реконструирани 120 основни и средни училишта.

Според податоците на банката, од овие инвестиции корист имале околу 122.000 ученици.

Во 2025 година Развојната банка на Советот на Европа одобри и заем од 20 милиони евра за изградба на нови спортски објекти во 30 училишта, како и за реконструкција и подобрување на енергетската ефикасност на училишни објекти низ земјава.