Македонскиот клуб во Благоевград отворен без тензии и со смирувачки пораки

Оние што најавија дека ќе дојдат беа таму, полицијата беше со засилено обезбедување. Организаторите рекоа дека клубот го отвораат заради зближување меѓу двата народи


Организаторите се обраќаат за време на отворањето на македонскиот клуб

 

Мирно, без проблеми и инциденти, денеска напладне во бугарскиот град Благоевград беше отворен македонскиот клуб „Никола Вапцаров“, именуван по поетот роден во Банско, Пиринска Македонија. Вревата околу отворањето на клубот беше далеку поголема отколку самиот настан, кој помина со засилено полициско обезбедување, а самата акција ја командувал министерот за внатрешни работи, Иван Демерџиев.

Во тесната просторија на клубот, освен членовите кои го организираа неговото отворање, беа и гостите од Македонија, Миле Бошњаковски, генерален секретар на Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев, повеќе партиски лица и други граѓани. Отворањето беше следено од бројни новинари.

Атанас Мазнов од културниот клуб во изјава за медиумите рече дека клубот го отвараат заради зближување на двата народа. Мазнов се надева дека како што Бугарите ќе влезат во Уставот на Северна Македонија, така и македонското малцинство во Бугарија да ги добие своите права.

„Ова е клуб којшто ќе помогне во Бугарија да ја препознаат македонската култура, а со неа и македонскиот народ. Културниот момент е тој којшто навистина може да ги зближи народите и да ги надмине разликите“.

Пред самото отворање на клубот Мицкоски даде изјава за новинарите во која рече дека правото на самоопределување кое е неприкосновено и загарантирано со сите меѓународни акти треба да го почитуваат сите, посебно земјите членки на Европската унија.

„Тука сме да ја испратиме пораката дека ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик и доаѓаат од Македонија. И за тоа во 21 век веќе не треба никој да има дилема, ниту треба воопшто да се разговара. Треба да се почитува правото на самоопределување, а нашето право да се самоопределиме како Македонци е неприкосновено и загарантирано со сите меѓународни акти“, рече Мицкоски.

Христијан Мицкоски дава изјава за новинарите во Благоевград

Тој беше прашан од бугарските новинари зошто не се почитувало правото на бугарските Македонци, а тој одговори дека со македонскиот устав е загарантирано правото на сите малцинства кои живеат во државата и дека тоа е согласно сите меѓународни норми и правила.

Тој уште додаде зошто во Бугарија не се запрашале зошто пред влезот на државата во Европската унија немало Македонци со бугарски пасоши. „Поради определени економски причини некои од нив можеби одлучиле да извадат пасоши“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Бошњаковски во изјава за медиумите рече дека дел од луѓето ги познава и дека тие биле на средба кај претседателот Пендаровски. На прашање од бугарски новинар дали Македонија има територијални претензии кон Бугарија, Бошњаковски одговори негативно. „Ве молам, не. Немам намера да давам изјави“, рече Бошњаковски.

На отворањето на клубот присуствуваше и грчкиот отец Никодим Царкњас, кој порача дека Бугарија не треба да се плаши од отворањето на клубот, туку со ова треба да покаже дека е вистинска, демократска и европска држава.

„Во Грција направивме друштво со името на Крсте Мисирков и денес работиме слободно, нема никој против. Кога отидовме во судот, не ни рекоа што име е ова – Крсте Мисирков. Три години работиме. Затоа и Бугарија не треба да се плаши од овој клуб што денеска се отвара“, истакна Царкњас во изјава за медиумите.

Миле Бошњаковски, генералниот секретар на Кабинетот на претседателот Пендаровски

Димитар Апасиев од Левица рече дека даваат целосна поддршка на ваквите клубови. „Очекувам подобрување на односите затоа што во европска држава очекуваме да се почитуваат правилата. Ова е прв македонски клуб што се отвора, иако е формално, правно и легално, знаете дека бугарската држава не дозволува. За разлика од фашистичките клубови што се отвораат во нашата држава, ова е име на анти-фашист и на комунист и од тој идеолошки аспект даваме целосна поддршка на ваквите клубови. Нема тензии, не правиме тензии“, рече Апасиев, нагласувајќи дека очекувал претседателот и премиерот да присуствуваат на настанот.

Во исто време, во организација на ВМРО – Бугарско национално движење отворена е изложба со бугарското знаме и слика од цар Борис Трети и дел од македонските револуционери меѓу кои Гоце Делчев и Јане Сандански проследена со гласна музика. Партијата најави и протест, но подалеку од местото каде што е отворен македонскиот клуб.

Иако имаше многу бугарски новинари, барем засега настанот не е во главните вести на медиумите. (Н.В.)