Македонскиот филм „17“ на Косара Митиќ во селекција на Берлинале


 

Дебитантскиот долгометражен игран филм на режисерката Косара Митиќ – „17“ е селектиран во програмата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал, еден од најпрестижните светски филмски настани. Филмот ќе ја има својата светска премиера во Берлин, каде ќе се натпреварува со уште 13 дебитантски остварувања за наградата Најдобар дебитантски филм.

По сценариото на Митиќ и хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, филмот се снимаше пролетта 2024, во Скопје и во Битола. Вистинит настан кој се случи во 2016, кога студентка од Скопје го фрли во корпа за отпадоци своето живо родено бебе, во тоалет на граничниот премин Табановцe и замина на апсолвентска екскурзија во странство, е инспирација за „17“.

 Во филмот играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.
 

Продуценти на филмот се Томи Салковски и Кристијан Буровски, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите ги потпишува Жаклина Крстевска, додека за шминка и фризура е задолжена Карла Лазиќ од Србија. Снимател на звук е Аљаж Лукан од Словенија, а монтажата е на Дејан Смилески.

„17″ е копродукција на македонската „Црна мачка продукција“ со „Арт&попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, поддржана од македонската Агенција за филм и филмските фондови на Србија и Словенија. Филмот доби 23 милиони денари (околу 345.000 евра) на првиот конкурс на Агенцијата за филм во 2021.

Косара Митиќ е родена во 1987 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, отсек филмска и ТВ-режија, во 2013 година, во класата на проф. Столе Попов. Досега режирала неколку кратки филма, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013), кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали во светот.

Програмата „Перспективи“ произлезе од наградата за најдобар дебитантски филм на Берлинале, која се доделува во партнерство со GWFF од 2006 година. За наградата одлучува тричлено жири, а годинава во конкуренција се најмногу 14 први филмови од целиот свет.

76. издание на Берлинскиот филмски фестивал ќе се одржи од 12 до 22 февруари, а селекцијата на „17“ претставува уште еден значаен успех за македонската кинематографија на меѓународната сцена.