Македонски концепт го повикува Пендаровски да не го бојкотира вториот круг


Колку беше важна победата на кандидатката Гордана Силјановска Давкова во првиот круг, толку е важна одлуката на кандидатот Стево Пендаровски да го истрча и вториот круг и да не ги бојкотира претседателските избори, велат од Македонски концепт.

„Бојкот никогаш не бил решение, ниту на референдуми, ниту на попис на население, ниту пак на избори. Мора да се почитува волјата на народот и да биде мирно предадена власта на победничката коалиција „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО ДПМНЕ, а чиј дел е и нашата партија Македонски концепт.

Идејата за бојкот прв ја спомена Ѓорѓи Спасов веднаш по објавувањето на резултатите. Според него тоа е легитимен потег кон партија која целиот мандат во опозиција го помина бојкотирајќи се што прави власта.

-Многу скокање не е на арно. Мицковски и Силјановска веќе летаат во воздух и прогласуваат победа. Тоа се оние кои бојкотот го сметаа за легитимно средство во политичката битка. Го бојкотираа референдумот за името,за да не се промени Уставот и за земјата да не стане членка на НАТО. Ја бојкотираа и промената на Уставот, за внесување на Бугарите во него, која беше и е  услов за продолжување на разговорите за членство на Македонија во ЕУ. А, главната причина за нивната политика на бојкот беше што парламентарното мнозинство прифаќало промени без претходно да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието.

И ,сега следи прашањето. Имаат ли тие обезбедено 40% од потребните гласови за избор на претседател во вториот круг? И како би им било да го почуствуваат самите бојкотот на изборите во вториот изборен круг? Нели Гордана и Мицковски ветуваат нешта за кои немаат подршка од потребното мнозинство за избор на претседател. И зошто би бил правен кворум за избор на Силјановска, кога со нејзин избор, блокадата на уставните промени во Собранието би продолжила? Со бојкот на бојкот секако не е добра политика, но тие мора да сфатат дека нивните методи во политичката борба секогаш можат да се искористат и против нив. И тоа би било сосема легитимно и оправдано, напиша Спасов на социјалните мрежи.