Македонски концепт, дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, побара раскинување на договорот со Бугарија

Македонски концепт, партијата на Петар Богојески, која пред изборите се приклучи на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, побара од новите власти да го раскине Договорот за добрососедство со Бугарија.
Во соопштението на партијата се вели: „Националниот комитет на Македонски концепт, тргнувајќи од интересите на македонската кауза, донесе одлука да достави иницијатива до министерот Тимчо Муцунски, Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија, за констатирање на услови за раскинат билатерален Договор од страна на Република Бугарија.
Согласно Став 13, Член 3 од договорот, Република Бугарија преку донесување на Рамковна позиција во Собранието, спротивна на Договорот и нејзино доставување преку Меморандум (писмено известување) до Македонија и сите земји членки на ЕУ, на 17.09.2020 година, формално правно го раскинала Договорот со Република Македонија.
Цениме дека Договорот наместо пријателство, создаде непријателство, наместо унапредување, ги уназади македонско-бугарските односи“.
Македонски кнцепт бара да прекине работата на историската комисија; да прекине важноста на „скандалозните протоколи“; и да прекине важноста на Преговарачката рамка со ЕУ и е потребно да се изготви нова. Со тоа, смета Македонски концепт односите меѓу Македонија и Бугарија ќе имаат нова иднина.