Македонската и бугарската делегација положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев


Делегации на владите на Северна Македонија и на Бугарија предводени од министерката за култура Бисера Костадинова Стојчевска и шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска попладнево се поклонија и положија цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас по повод 150 години од неговото раѓање.

Министерката Костадинова Стојчевска беше придружувана од заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.Во составот на бугарската делегација, покрај министерката Генчовска беше и заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова, претседателот на парламентарната Комисија за култура Тошко Јорданов и бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов.

Почит на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас одаде и европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот Парламент Илхан Ќучук.

Ова не е првпат политичарите од двете земји да го чествуваат Гоце Делчев. И во 2017 година и во 2019 година поранешните премиери на Северна Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов положија цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас. 

Но, најавата за заедничко чествуваше предизвика револт и загриженост во Здружението на историчарите на Северна Македонија.  Тие оценија дека ваква политичка одлука е фатален удар врз македонската самобитност. Реакција имаше и од страна на Драги Ѓоргиев, копретседател на заедничката Мешовита комисија за историски и образовни прашања, кој  изјави дека историчарите немаат никаква улога во носењето на одлуката за заедничко чествување на Гоце Делчев, дека одлуката е политичка и е гест на добра волја од страна на двете влади, за да ја релаксираат политичката атмосфера во двете земји.