Македонската берза со нова верзија на мобилната апликација СЕИНет

Македонската берза целосно ја редизајнираше мобилната апликација СЕИНет, којашто е наменета за транспарентен, брз и лесен пристап до сите информации што котираните акционерски друштва задолжително ги објавуваат преку Системот за Електронски Информации на Берзата (СЕИНет).
Како што соопшти денеска Берзата, новата верзија на мобилната апликација на СЕИНет нуди појасен визуелен приказ и подобрена навигација, овозможувајќи им на корисниците брз преглед и пристап до сите објави, категории на информации и издавачи, а корисниците можат да изберат конкретни друштва и да добиваат известувања веднаш по нивната објава. Воведени се нови алатки за филтрирање по датум, друштво, категорија и клучен збор, а сите документи се достапни со еден клик, со можност за директно преземање.
Достапен е и Тикер со податоци за движењето на цените – приказ на просечните цени на сите хартии од вредност што се тргуваат на Берзата (со задоцнување од најмногу 15 минути во однос на реалното време на склучените трансакции) и нивна процентуална промена во однос на официјалната просечна цена постигната на претходниот ден на тргување.
Преку електронскиот систем СЕИНет (www.seinet.com.mk) акционерските друштва кои котираат на Берзата објавуваат информациите согласно Правилата за котација, а инвеститорите и пошироката јавноста добиваат навремени и точни информации за различни аспекти од работењето на компаниите и релевантно донесување на инвестициски одлуки. На Берзата моментно се котирани 92 компании и банки.
Новата СЕИНет мобилна апликација на Берзата е достапна за бесплатно преземање преку: Google Play Store Apple App Store