„Македонска поетика и стилистика“ и на Универзитетот во Загреб

Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ пред загрепските млади македонисти ја претставија Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во рамките на манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“ што втора година по ред ја организира македонското културно друштво „Охридски бисер“, под раководство на Ивана Брезовец. Тие срдечно беа пречекани од професорот Ивица Баковиќ и лекторката Борјана Прошев-Оливер, коишто искажаа исклучително афирмативни оцени за изданието. Мојсова-Чепишевска и Антоновски се осврнаа на содржината на изданието, концептот и структурата, како и на предизвиците при истражувањето и подготовката на монографијата.
Во рамките на средбата, одделно внимание беше посветено и на знаменитиот македонскиот поет Раде Силјан, во чијашто чест годинава и се одржува манифестацијата, со посебен акцент на централниот настан што денес ќе се одржи во Загреб – по повод 75 години од неговото раѓање и 50 години од објавувањето на првата поетска книга. Од вчера, за загрепските македонисти се достапни и изборот од неговата поезија „Лажно време“ и книгата „Книжевната критика за поезијата на Раде Силјан“ што издавачот „Дијалог“ ги објави по повод двата значајни јубилеи.
Инаку, колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ е наменета за странската читателска публика и во неа се обработени главните поетолошки и стилски движења во македонската книжевност почнувајќи од средниот век, па сѐ до денес. Изданието е работено според методологијата и насоките укажани и прифатени од Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац, Австрија, кои воедно се јавуваат и како издавачи.
Автори на монографијата се Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска и професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски и Трајче Стамески, сите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац.
Денес, активностите во Загреб ќе продолжат со чествување на творештвото на Раде Силјан, еден од најзначајните македонски автори на XX и XXI век.