Македонија веќе не е „хибриден режим“ во рангирањето на „Економист“

Нашата држава според Индексот за демократија на британскиот магазин сега е во групата „недоволни демократии“, во која се наоѓаат 53 земји


Најлоша оценка во рангирањето на „Економист“ има за „политичката култура“ (Фото: Б. Грданоски)

 

Можеби мал, но сепак голем исчекор направи Македонија во годинашново рангирање на британскиот магазин „Економист“ во нивниот „Индекс на демократијата“ за 2022 годиона, кој се однесува за 2021. Македонија во годинашново рангирање излезе од групата „хибридни режими“ и сега е во категоријата „недоволни демократии“.

Македонија, Молдавија и Црна Гора се трите држави кои преминаа од „хибридни режими“ во една демократска скала погоре. Во сите три држави има проевропски влади (иако таа во Црна Гора неодамна падна). Молдавија по изборот на Маја Санду за претседател на државата во декември 2020 зачекори на цврст проевропски курс и битка со корупцијата.

Од регионот Црна Гора се наоѓа едно место зад Македонија, а Босна и Херцеговина и натаму е „хибриден режим“. Уште една држава е рангирана подобро годинава – западноафриканската Мавританија, која од групата „авторитарни“ премина во „хибридни режими“.

Во Индексот на демократијата за 2020 Македонија беше рангирана на 78. место од 167 земји со резултат од 5,89. Сега за 2021 е рангирана на 73. место со резултат од 6,03.

Во областите кои се основа за рангирање Македонија има многу ниска оценка за „политичката култура“, само 3,13, што на најдобар начин ја политичката атмосфера на сите учесници во македонската политика. Оваа оценка го намалува и вкупниот скор, затоа што има многу добри оценки за изборниот процес, плурализмот и граѓанските слободи – над 7. Високи оценки има и за функционирањето на владата (6,43) и за политичкото учество (6,11)

Групата „недоволни демократии“, во која е Македонија се наоѓаат 53 земји.

Од земјите од опкружувањето, во иста категорија – „недоволни демократии“, но подобро рангирани се: Грција (34. место со резултат 7,56); Словенија (35. место со резултат 7,54); Бугарија (65. место со резултат 6,64); Хрватска (56. место со резултат 6,5); Србија (63. место со резултат 6,36) и Албанија (68. место со резултат 6,11). (Н.В.)